Државата има за земање – Tоп пет приватни и државни и даночни должници

Управата за јавни приходи за прв пат објави Листа на должници за долгови доспеани до 28 февруари, а неплатени до 31 мај, годинава, по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини, за кои вкупниот износ на долгот е повисок од 2.000 евра за физичките лица и за самостојни вршители на дејност, а за правните лица, пак, повисок од пет илјади евра.

На листата на должници се јавни претпријатија, приватни компании како и физички лица.

УЈП не кажува дали сметките на овие компании кои се објавени на листата се блокирани, бидејќи тоа спаѓа во делот на даночна тајна. Оттаму појаснуваат дека за секој даночен обврзник е различно.

Од приватните компании, најголеми должници сe компании од Велес и Неготино кои од прилика должат по 1.3 милиони евра:

1. Алма комерц, Неготино (1,5 милиони евра)
2. Николчев Груп, Велес (1,3 милиони евра)
3. Велес Табак (1,3 милиони евра)
4. Центро Табак (1,3 милиони евра)
5. Југотутун Моша Пијаде ( 1,3 милиони евра)

Од Јавните претпријатија најголеми должници се:

1. ЈП „Македонија пат“ (5,2 милиони евра)
2. ЈП „Македонски шуми“ (3,8 милиони евра)
3. „Комуналец“ од Гостивар (2,3 милиони евра)
4. Македонска радио и телевизија (593.533 евра)
5. ЈП „Улици и патишта – Скопје“ (49.000 евра)

Листата на должници под број 01/2014 е објавена на веб страницата на Управата за јавни приходи согласно член 9 од Законот за даночна постапка.