Државата помага во решавањето на станбеното прашање на граѓаните

Министерот за финансии и вицепремиер, Зоран Ставрески денеска беше во посета на саемот „Купи куќа, купи стан“ во Сити Мол, од каде апелираше до сите граѓани кои се уште го немаат решено станбеното прашање да дојдат на саемот во наредните неколку денови.

На саемот кој ќе трае до 28. учествуваат голем број градежни компании нудат станови до 900 евра за метар квадратен и куќи, банките кои нудат кредити, како и претставници од Министерството за финансии.

– Интересот е огромен бидејќи се работи за многу добар проект за луѓето коишто немаат многу пари и можат само делумно да приберат средства за да го решат животното прашање, но од друга страна им треба малку помош и тука е државата со субвенциите што ги дава, односно Владата со субвенции коишто достигнаат и до 14.000 евра доколку се работи за куќа за кредит од 50.000 евра. А доколку се работи за стан субвенциите достигнуваат до 9.200 евра, истакна вицепремиерот Ставрески.

Тој додаде дека очекува овие неколку денови да продолжи овој голем интерес.

Околу 350 граѓани досега аплицирале и од буџетот минатата година биле одвоени 2,5 милиони евра за субвенции за овој проект, а истото се планира и за идната година.