Државен испит ќе има – еве што ќе содржи!

Државниот испит, кој за првпат се воведува поради проверка на стручната оспособеност на студентите, ќе се изведува на крајот од втората година, но може и порано доколку студентот има положено најмалку 50 отсто од вкупниот број на предмети предвидени за конкретната студиска програма и на крајот на завршната година на студии, пред одбрана на дипломската работа.
Предлог измените во Законот за високо образование, кои поминаа на владина седнца,
 а најверојатно зелено светло ќе добие и во Собрание бидејќи нема кој да гласа против, предвидуваат државниот испит студентот го полага само еднаш во кварталот на академската година. Првите две полагања се бесплатни. Доколку студентот не успее да го положи државниот испит двапати по ред, наредните пријавувања за полагање се на товар на студентот, и тоа за трет пат 1.000 денари, за четврт пат 6.000 денари и за секое наредно пријавување 12.000 денари.

Државниот испит ќе содржи пет прашања со различна тежина од секој предмет поединечно од секоја наставна година со четири понудени решенија, од кои едното решение е точен одговор на понуденото прашање.

За испитот ќе има  јавно достапна база на прашања од областа на клучните предмети.

Државниот испит ќе се полага во просторија опремена со материјално-техничка и информатичка опрема, интернет врска и опрема за снимање на полагањето. Полагањето на испитот ќе се снима и во живо се емитува на веб страницата на Министерството за образование.

Студентите ќе се информираат за датумот и времето на полагањето на државниот испитот најмалку три дена пред одржувањето на државниот испит.

Во просторијата за полагање на државниот испит, за време на полагање на државниот испит, ќе бидат  присутни еден претставник од високообразовната установа, двајца претставници од Одборот и двајца претставници од министерството надлежно за високото образование, од кои еден е информатичар.

Ако во текот на полагањето на државниот испит настанат оправдани причини поради кои студентот не може да го продолжи полагањето на испитот (болест, породилно отсуство, школување во странство и слично), ќе се прекине државниот испитот за определено време, кое не може да биде подолго од шест месеци.

Вкупното траење на времето определено за одговарање на прашањата од државниот испит изнесува 180 минути.

Државниот испит за студенти се смета за положен доколку студентот постигнал најмалку 70 отсто од вкупниот број предвидени позитивни поени од секој предмет поединечно.

Посебните услови за начинот и постапката за изведување на државниот испит за студенти, ги предлада Одборот за акредитација и евалуација на високото образование. Одборот е составен од девет члена, избрани на јавен оглас објавен од страна на Владата  и тоа: тројца членови од редот на прво рангираниот универзитет според последното спроведено рангирање на сите универзитети и високообразовни установи во состав на универзитетите (факултети и уметнички академии) запишани во регистарот на високообразовни установи во Република Македонија, двајца членови од второрангираниот универзитет, еден член од треторангираниот универзитет, еден член од највисоко рангираниот приватен универзитет и двајца наставници, странски државјани од редот на 500-те највисоко рангирани високообразовни установи, рангирани на последната објавена листа на Центарот за универзитети од светска класа при Шангајскиот Џиао Тонг универзитет.

Предлог измените во Законот за високо образование предвидуваат докторските студии да се организираат само универзитетите кои се меѓу првите пет рангирани универзитети и високообразовни установи во состав на универзитетите (факултети и уметнички академии). А, ректор,  декан, или  директор може да биде и странски државјанин.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.