Државната изборна комисија не добила ниту еден приговор за изборите

Ниту еден приговор за гласањето на во Македонија не добила Државната изборна комисија, досега. Рокот за поднесување приговори истекува денеска во 19 часот. Приговор до ДИК имало само од ДУИ и тоа за гласањето во дијаспората, објавува радиото „Слободна Европа“, на програмата на Македонски јазик.

Секоја партија учесник на изборите, по гласањето, сумирањето и утврдувањето на резултатите може да поднесе приговор до ДИК. Приговорот се поднесува во рок од 48 часа по завршувањето на гласањето, односно рокот истекува денеска во 19 часот.

„Немам до знаење дека стигнале приговори, освен за дијаспората, има еден приговор од ДУИ за седмата Изборна единица. Сега чекаме за овде, за во земјата, бидејќи во рок од 48 часа политичките партии треба да поднесуваат приговори и чекаме до 19 часот да стигнат приговори, ако има. Ако нема приговори, тогаш ние ќе излеземе со конечниот резултат“, вели Јакупи за „Слободна Европа.

Според одредбите во Роковникот за извршување на изборните дејствија, ДИК е должна во рок од 48 часа по примањето на приговорот да донесе одлука. Против одлуката на ДИК, може да се поднесе тужба до Управниот суд во рок од 48 часа од приемот на решението. Тужбата до Судот подносителот ја заснова на основот и врз наводите истакнати во приговорот по кој е донесена првостепената одлука.

ДИК по службена должност, или по поднесен приговор може да поништи гласање на одредено гласачко место, само ако вкупниот број на запишани избирачи на тие избирачки места на ниво на изборна единица, град, односно општина влијае врз вкупните резултати. Гласањето на гласачкото место кое е поништено ќе се повтори по 14 дена од денот на гласањето.