Македонија

Државната матура започнува утре, ќе полагаат 18.370 кандидати

Државната матура започнува утре, ќе полагаат 18.370 кандидати

Вкупно 18.370 пријавени кандидати во оваа учебна 2013/2014 година се дел од седмата генерација на средношколци кои полагаат државна матура како услов за продолжување на образованието и упис на некоја од високо образовните установи во земјата и надвор од неа.Тие ќе полагаат согласно новиот концепт за државна матура 1+2, кој предвидува полагање на 3 екстерни и 1 интерен предмет.

„Мајчиниот јазик е задолжителен екстерен предмет за сите улченици, додека кај другите два екстерни предмети постои можност за избор.Првиот се избира од два општообразовни наставни предмети и тоа математика и странски јазик за учениците од гимназиско и средно стручно образование, односно странски јазик и естетика/филозофија за учениците од средно уметничко образование. Додека кај вториот екстерен предмет со право на избор, ученикот одлучува од понудена листа на предмети од општествена и природна група. Кај интерниот предмет ученикот избира еден од понудената листа и тоа општообразовен предмет за учениците, односно стручен предмет за учениците од средно стручно и средно уметничко образование. И понатаму обврска на секој ученик е да изработи проектна задача, која се оценува интерно,“ изјави министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

Државната матура започнува утре на 31 мај со полагање на мајчиниот јазик. Потоа на 11 јуни следат полагања за учениците кои избрале англиски, француски, германски или руски јазик. На 13 јуни ќе се полага математика, естетика и филозофија, а на 16 јуни ќе се одржат испитите по хемија, физика, биологија, историја и бизнис.

„Интерните испити се спроведуваат во термини утврдени од училишната матурска комисија, на предлог на соодветните училишни предметни комисии и тоа во периодот од 16 до 30 јуни во јунскиот испитен рок и во периодот од 18 до 23 август во августовскиот испитен рок.Сите испити започнуваат точно во 10 часот и ќе се реализираат преку тестови поделени на два дела. Едниот се однесува на есејскиот дел, а другиот на прашањата со повеќекратен избор, како подготовка за спроведување на електронско полагање од следната учебна година,“ додаде Ристовски.

Учениците кои од оправдани причини нема да полагаат во јунскиот испитен рок или пак нема да ги положат сите испити од државна матура, тоа ќе можат да го направат во август.

Резултатите од екстерните испити ќе бидат објавени за 30 дена, истите се конечни за кандидатите кои немаат приговор. Ако кандидатот смета дека е направена грешка во оценувањето, односно во пресметувањето на бројот на бодовите или во изведувањето на оценката, може да се достави приговор во рок од два дена од нивното објавување.

„Интересен е фактот што во споредба со минатата година, зголемен е бројот на кандидати кои избрале да полагаат математика и на основно и на напредно ниво, што можеби е еден показател и за зголемениот интерес кај матурантите да го продолжат образованието на некој од техничките факултети. Всушност 2.398 ученици избрале да полагаат математика на основно ниво оваа година, а 26 избрале да полагаат математика на напредно ниво. За споредба, минатата година 2.142 кандидати полагале математика за основно ниво и само 12 полагале математика на напредно ниво. Вообичаено, најмногу кандидати ќе полагаат англиски јазик, вкупно 16.858 односно за 2,2 отсто повеќе од лани,“ изјави Ристовски.

Испитите ќе ги следат над 200 овластени набљудувачи.