Македонија

Државниот инспекторат за труд доби нови возила

Државниот инспекторат за труд доби нови возила

Државниот инспекторат за труд денеска доби нови 20 возила, кои треба да овозможат негова поефикасна работа. Возилата треба да бидат распоредени во 20 подрачни единици на ДИТ во градовите во Македонија. За набавка на автомобилите, чија вредност е 170 илјади евра, 85 проценти од средствата се обезбедени преку Проект од Европската унија и 15 проценти средства од државниот Буџет, пренесува МИА.

– Од денеска имаме нов возен парк на Државниот инспекторат за труд. МТСП учествуваше во реализацијата на овој Проект и во финализирањето и комплетирањето на целокупната постапка за набавка на овие возила. Учеството во финансирањето е 85 проценти од ЕУ и 15 проценти од Владата на Република Македонија, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на примопредавањето на возилата.

Додаде дека се продолжува со реализација и на Проектот за борба против непријавената работа, кој, како што појасни, се реализира преку ИПА програмата и е во износ од 1 милион и 150 илјади евра. Тој, потенцира Спасов, исто така, е насочен кон градење на капацитетите на Државниот инспекторат за труд, подобрување на капацитетите и вештините на инспекторите, меѓутоа и набавка на возила, компјутери и друг канцелариски материјал што им е потребен за извршување на тековните работи.

– Верувам дека со реализацијата на овој проект и набавката на овие возила Инспекторатот и инспекторите ќе бидат значително поефикасни и ќе можат да стигнат во што е можно поголем број субјекти, да ги направат своите контроли се со цел да продолжи континуираната работа во борба против непријавената работа, но и следење на почитувањето на сите законски прописи кои се во надлежност на Државниот инспекторат за труд, истакна министерот за труд и социјална политика.

Евроамбасадорот Аиво Орав смета дека со овој Проект земјата е еден чекор поблиску до Европската унија.

– Секако, во земјата во моментов има одредени проблеми и паралелно треба да се направат многу големи чекори, но ЕУ е тука, ние ве поддржуваме и се обидуваме да ве доведеме поблиску до завршувањето на обврските за да има добри резултати во иднина, рече Орав.

Додаде дека ЕУ дава пари за овој проект бидејќи, како што рече, проблемот со сивата економија го има и во земјите членки на ЕУ.

– Ние преку овој проект го поддржуваме Инспекторатот за труд да се бори со сивата економија, неформалната работа која треба да биде трансформирана во формалниот сектор, рече Орав.

Директорот на ДИТ Аљајдин Хавзи истакна дека овој Проект е голем проект којшто ќе помогне во натамошното инспектирање на сите поенти од работните односи. Овие 20 автомобили, информира тој, ќе бидат распоредени во 20 градови коишто веќе се одредени, кои се најбитни и најволуменозни во аспект на инспекцискиот надзор