Државниот испит е гарант за креирање на квалитетни кадри

На сите универзитети и факултети во Македонија ќе се спроведува државен испит. Во овој момент во Македонија веќе се полага државен испит на медицина, фармација и стоматологија. И тоа не е од вчера, туку уште од основањето на факултетите.

Ова го истакна министерот Никола Тодоров кој како претставник на Владата говори на оваа тема во емисијата на Јанко Илковски.

-Државниот испит значи контрола на минимум ниво на знаење кое треба да го има студент кој дипломирал. Има медицински факултет во Скопје, Штип и Тетово. Државата и граѓаните треба да бидат сигурни дека докторите кои завршиле било на кој од овие факултети имаат исто ниво на знаење. Тоа се осигурува со државен испит. Нема да му биде сеедно на било кој ако отиде кај лекар што завршил на факултет кој не гарантира знаење и како резултат на тоа да не добие исто ниво на квалитетна здравствена услуга. Тоа треба да значи и на сите други нивоа, не само на медицина. На пример, ако еден архитект нема доволно ниво на знаење и проектира зграда и ја згреши. Таа зграда може да падне? Ова важи за сите факултети. И за машински факултет, еве на пример ако се прави лифт, рече Тодоров.

Министерот вели дека како држава мора да бидеме сигурни дека кадрите кои се продуцираат во Македонија имаат исто ниво на квалитет. Основата на воведувањето е изедначување на нивото на знаење на секој факултет. Според Тодоров, државниот испит е гарант да знаеме какви кадри промовираат нашите високо образовни установи.

-Гарантирам дека најдоброрангираниот факултет на крај ќе каже дека од 100 студенти поминале 95, а третиот ќе каже дека од 100 положиле 65 студенти. Тоа ќе ги тера помалку рангираните факултети да вложат повеќе и да се оствари поголем успех, рече Тодоров.

Тој како поранешен министер за образование и наука, посочи дека бил шокиран од фактот што според последниот попис во земјава, 50 отсто од граѓаните се со завршено основно или средно образование.

-Македонија нема многу природни богатства. Некои држави имаат дијаманти, природни ресурси или нафта и тоа ги прави побогати. Единствено што ние можеме да понудиме е квалитетен кадар, човек високо едуциран да направи на пример органска храна. За тоа треба знаење. Тоа не може да го направи човек без знаење. Ако сакаме развој во земјоделството и за тоа ни треба стручен кадар, квалитетни индивидуи. Ние немаме како на друг начин да се легитимираме. Ако немаме високо обучени доктори, тие нема да знаат да ги користат новите апарати, рече Тодоров.

Концептот за државен испит, посочи Тодоров, како идеја е превземен од голем број на земји кои имаат висок квалитет на образование.