Државниот испит ќе го спроведува одбор за акредитација, а не државата

Државниот испит ќе го спроведува посебен одбор од професори, избрани од Собранието. Ова го истакна  премиерот Никола Груевски на денешната дебата за реформите во високото образование, која во моментов тече во Собранието.

– Не е точно дека државата ќе спроведува државен испит, тоа ќе го прави одбор за акредитација составен од професори. Државниот испит ќе биде организиран од одборот, чии членови се избрани од Собранието, а не од Владата. Тоа дека државата сака да ги оценува студентите е политичка флоскула. Тоа не е така, тука не се руши автономијата, посочи Груевски.

Премиерот пред ректори и членови на Владата образложи дека измените во Законот за високото образование се носат со најдобра намера – за повеќе знаење на студентите, за поуспешни професори и за понапредна држава. Според него, образованието мора да биде наш најсилен ресурс.

– Ако останеме на лесно добиени дипломи, за 20 до 30 години ќе биде уште повеќе на дното. Сега е пресвртната точка, ако сега го промениме системот образованието ќе ни биде на повисоко ниво. Ова не е радикална мерка, туку низ годините постепено ќе ги зголемуваме стандардите, рече Груевски.

Груевски од дебатата очекува конструктивни забелешки, рече дека се целосно отворени за аргументи што ќе донесат напреден и квалитетен закон.

На дебатата не учествуваат професори од Професорскиот пленум кои премиерот Груевски ги покани на нова локација, наместо во „Александар Палас“ во Собранието на Република Македонија.

– Сакаме да помогнеме, жал ми е што професорите од т.н. Професорски пленум ги нема за да ги вкрстиме аргументите, истакна Груевски.