Државниот сектор во Грција веќе е намален, но сепак е неефикасен

Грција веќе нема премногу државни службеници и е блиску до постигнување на целите за намалување на персоналот, поставени од меѓународните кредитори пред две години, изјави грчката Влада, пренесуваат локалните медиуми.

Бројот на вработените во државниот сектор е намален од 913.000 до крајот на 2009 година на 681.392 до 30 ноември оваа година, а годишниот трошок за плати е намален за малку повеќе од една третина, посочи Владата.

„Реалноста е прикажана од бројките, веќе е добро позната на јавноста и кредиторите“, изјави министерот за административна реформа Кириакос Мицотакис.

„ Главниот предизвик за 2014 година е промената од квантитативните цели кон квалитативните … Проблемот во државниот сектор сега не е тоа што е премногу голем, туку дека е неефикасен“ додал тој за време на дебатата во парламентот во врска со буџетот за 2014 година, кој треба да биде изгласан во неделата.