Државните детски одморалишта одат во рацете на приватните стопанственици

Стратешката одределба за развој на туризмот и понатаму останува во фокусот на Владата, рече на денешната прес-конференција владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев.

Иницијатвата за оттуѓување на државните детски одмаралишта, до Владата ја поднело ресорното министерство за труд и социјална политика.

„Ќе се продаваат шест детски одмаралишта и тоа Малешево Берово со вкупна површина од 4001 м2, детско одморалиште Пелистер Битола со вкупна површина од 5229 м2, потоа детско одморалиште Николиќ Дојран со вкупна површина од 6089 м2, детско одморалиште Ѓуриште Свети Николе, со вкупна површина од 1060 м2, детско одморалиште Суви Лаки Берово со вкупна површина од 3446 м2, како и одморалиштето Горно Водно Скопје.. Нивната продажба ќе биде по пат на електронска аукција“, рече Ѓорѓиев.

Тој додаде дека јавните повици ќе се распишат во втората половина на август, а дотогаш заинтересираните приватни стопанственици ќе можат да се информираат за условите и деталите околу аплицирањето.

„Овие детски одморалишта во минатото имале свој бренд, и денес можеби избледен тој бренд се уште постои, населението кое живее во овие региони има искуство со работа во дејноста туризам, а локациите на кои се наоѓаат овие одморалишта кои се предмет на продажба и дел од инфраструктурата во нив даваат можност за реализација на бизнис и работа во сферите на планинскиот, алтернативниот, руралниот или езерскиот туризам, што дава можности за доходовен бизнис за компаниите кои би инвестирале и можност за отворање на нови работни места“, додаде Ѓорѓиев.

Ѓорѓиев нагласи дека по продажбата на детските одморалишта тие не смеат да ја менуваат дејноста, односно ќе мора да работат како туристички капацитети.

„Направени се и првичните проценки за тоа по колку ќе се продааваат одмаралиштата. Почетната цена се движи од 50 илјади до 400 илјади евра“, изјави Ѓорѓиев.

Тој на крај исткна дека концептот на детски државни одморалишта во последните две децении се напушта во Европа и додаде дека овие шест кои ќе бидат ставени на аукција во моментов се нефункционални и не се употребуваат.