Балкан

Државните службеници во Грција започнаа 24-часовен штрајк

Државните службеници во Грција започнаа 24-часовен штрајк

Државниот сектор во Грција денеска ќе биде парализиран поради 24-часовен штрајк, свикан од Федерацијата на државните службеници АДЕДИ, во знак на протест против отпуштањата на илјадници работници под притисок на меѓународните кредитори, соопштуваат грчките медиуми.

Синдикатот планира и 48-часовен штрајк на 19 и 20 март, разгледувајќи ја можноста за проширување на протестите.

Во денешниот штрајк учествуваат државни службеници кои работат во осигурителните фондови, даночните инспектори, наставници, лекари и персонал на болниците. Судските службеници исто така ќе се вклучат во протестот.

Штрајкот е насочен против доставениот предлог-закон за гласање во парламентот, со кој се предвидува затворање и спојувања на државни структури, како и отпуштања на државни службеници.

Во Грција јавното незадоволство продолжува од почетокот на кризата и најмногу од почетокот на наметнувањето на тешки мерки за штедење, што имаат за цел да и помогнат на земјата да се извлече од кризата.

Во земјата речиси секој ден се одржуваат протести и штрајкови против политиките на владата, кои имаат за цел да ги стабилизираат финансиите на земјата, но краткорочно се тешко искушение пред Грците.