ДС: Да се повтори постапката за „Шпион“

Демократскиот сојуз смета дека на сите против кои се води постапка во случајот „Шпион“ треба да им се даде шанса преку повторување на судската постапка, стои во денешното пишано соопштение од партијата, во кое се подвлекува дека целосно ја почитуваат независноста и самостојноста на обвинителството во целина, како и специјалното јавно обвинителство, но го задржуваат демократското право да ги коментираат одлуките.

Специјалното јавно обвинителство, се посочува во соопштението, го презеде случајот „Шпион“ и сигурно за тоа има и правен основ, но и цврсти докази и сомненија дека Јавното обвинителство или судот  направил повреда на законите или уште полошо работеле под притисок и диктат на власта.

– Доколку е така мора да има повторно судење, секој осомничен во транспарентна постапка да може да ги презентира сите факти и докази, да се преоценат доказите и во целина обвинувањата. На овој начин има логика СЈО да го застапува обвинението против 18-мината за шпионажа, уцени и  др., а да се бара намалување на казните без да се изведат докази за тоа дека казните се одредувани по налог на партијата на власт или моќници од безбедносните служби, тоа е апсурд и нема правна логика и аргументи, смета ДС, стои во соопштението.