ДС побара независна и транспарентна истрага за прислушувањето

Во врска со презентираните информации за масовно кршење на основните човекови права и слободи, преку следење и прислушкување на комуникациите, се огласи Демократскиот сојуз кој побара независна, експертска, транспарентна и јавна истрага.

Демократскиот сојуз, побара Јавниот обвинител да формира посебен тим (согласно ЗКП), кој ќе работи на проверка и документирање на информациите за прислушкување, како и одговорноста на сите инволвирани во овој мега скандал, без разлика на тоа за кого сè се работи, неговата позиција, социјален статус, партиска припадност и сл.

Од партијата велат дека очекуваат во разрешувањето да се вклучат сите надлежни државни органи, вклучително и Народниот правобранител, а исто така ги повикаа и опозициските партии да се вклучат во работата на Парламентот за да може да се обезбеди уставната и законската определба за цивилна-парламентарна контрола над службите за безбедност.

„Преку активирање на Комисијата за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање и Комисијата за надзор над спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникациите од страна на Министерството за внатрешни работи, Управата за финансиска полиција, Царинската управа и Министерството за одбрана, може да се обезбедат релевантни информации и факти. Врз основа на извештаите на овие комисии  да се отвори  расправа и во Собранието на Република Македонија“, стои во соопштението од партијата.

Од партијата велат дека освен што е нарушена приватноста на граѓаните, пробиен е и разорен целокупниот систем за безбедност, а во голема мера е загрозена  безбедноста и стабилноста на државата, поради што неопходно е да се утврди политичката, кривичната и друг вид на одговорност на носителите на овие активности.