Македонија

ДСГ системот во Македонија предизвика голем интерес на Меѓународниот конгрес во Анталија

ДСГ системот во Македонија предизвика голем интерес на Меѓународниот конгрес во Анталија

Директорката на Фондот за здравствено осигурување на Македонија Маја Парнарџиева-Змејкова во обраќањето на Петтиот Меѓународен конгрес за перформанси и квалитет во здравствените системи, што се одржува во Анталија, Турција, го претстави здравствениот систем на Република Македонија и начинот на имплементација на ДСГ (дијагностичко сродни групи) системот во државава.

Од ФЗОМ соопштија дека голем интерес предизвикал фактот што Македонија во рекорден рок го има имплементирано овој систем, а други земји веќе подолго време не можат да го имплементираат, вклучително и Турција.

На презентација, Парнарџиева Змејкова се осврнала на придобивките од ДСГ системот, извештаите кои се добиваат и служат за следење на здравствените услуги на национално ниво, како и на ниво на болница. Таа укажала на кој начин ДСГ системот го намалил времето на престој во болниците, го зголемил број на здравствени услуги, и како систем може и да го следи квалитетот на пружените здравствени услуги (број на интра-хоспитални инфекции, компликации на здравствената состојба на пациентите итн..).

Како пример, таа го истакнала бројот на царски резови во 2010 и 2013 година кој драстично се зголемил, а со тоа се алармира да се промени упатството за породување и да се изврши стручен надзор дали зголемениот број на царски резови се должи на се поголем број на компликации при породувањето или на нешто друго. Во 2010 година 25 отсто од сите породувања биле со царски рез, споредено со земјите во опкружувањето – Хрватска 21 отсто, Словенија 19 отсто. Во 2013 година овој број во Македонија се искачил до неверојатни 33 отсто од сите породувања да бидат со царски рез, а во земјите во опколувањето процентот останал ист дури и се намалил.

Преку податоците од ДСГ системот, посочи Паранрџиева Змејкова, Македонија учествуваше во две големи интернационални студии. Едната за начинот на финансирање на здравствени системи во Европа (Eurostat – OECD PPP Program) и Истражување за влијанието на топлотните бранови и воздушното загадување во Скопје како дел од RAMSES проектот (European research project to deliver quantified evidence of the impacts of climate change and the costs and benefits of a wide range of adaptation measures, focusing on cities).

За претставувањето на имплементацијата на воведувањето на системот за ДСГ во Македонија, директорката Маја Парнарџиева Змејкова доби признание од организаторот на конгресот. Домаќините посебно ја поздравија Република Македонија како земја со која имаат соработка на највисоко ниво во здравството, стои во соопштението од Фондот за здравствено осигурување на Македонија.