Дуелот помеѓу МЗТ Скопје и Црвена Звезда предизвикува огромно внимание

Натпреварот помеѓу МЗТ Скопје и Црвена Звезда, кој ќе се игра вечерва во “Јане Сандански” од 20:30 часот предизвикува огромен интерес на просторот на цела поранешна СФР Југославија.

Белграѓани се на добар пат да го срушат рекордот по бројот на победи од стартот на сезоната во АБА лигата, кој во моментов изнесува 12 победи, а го држат токму тие заедно со Унион Олимпија, па поради тоа овој дуел ќе биде директно емитуван во Србија, Црна Гора, Словенија, БиХ и Хрватска. Кај нас директен пренос ќе врши собранискиот канал на МТВ.

мзт 1

Фамата која се крена околу овој дуел и медиумската покриеност на речиси целиот Балкан, треба да делува мотивирачки за кошаркарите на МЗТ Скопје, кои со евентуална победа против досега непоразената Црвена Звезда и тоа како ќе го поправат лошиот впечаток кој го оставија во текот на оваа прва полусезона.