ДУИ ќе ги блокира измените за Законот за лични карти

Законите за лични карти и за живеалиште и престојувалиште, не добија поддршка од ДУИ и од ДПА. Од ДУИ најавија дека ќе го искористи Бадентеровото гласање за да стават вето на законот, а ДПА обвинуваат дека станува збор за антиалбански закон. За двете партии спорен е предлогот на МВР од евиденцијата за живеалишта да бидат избришани сите оние што нема да пријават дека ја напуштаат државата во период подолг од три месеци.
„Најзначајна е одредбата со која што се интервенира во членот 11 од постоечкиот закон, со која на МВР му се дава можност да ги брише од евиденцијата на живеалиште сите граѓани што нема да го пријават напуштањето на земјата повеќе од три месеци. Оваа одредба е спротивна на Уставот, кој обезбедува слобода на движење надвор од Македонија. Граѓаните имаат право кога сакаат да заминат од Македонија и кога сакаат да се вратат во земјата“, вели Џафери.

Во однос на измените на Законот за лични карти, за ДУИ се спорни дополнителните документи што граѓаните треба да ги достават за да извадат нова лична карта.
Шефот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, вели дека не е првпат двете партии да имаат различни ставови околу одредени законски решенија.

За ДПА предложените закони имаат за цел да остават без адреса над 200 илјади Албанци-печалбари.