ДУЌАНЏИИ: На ГТЦ му е потребна итна реконструкција, дува од сите страни

Градскиот трговски центар итно треба да се реконструира за да си го врати сјајот. Помалку е важно каков ќе биде надворешниот изглед, велат дуќанџиите во најстариот трговски центар. Телеграф.мк поразговара со дел од нив и речиси сите се едногласни дека таму сега доаѓа само оној што треба да заврши некоја работа, но не и за пазарење и за задоволство.

Кога човек ќе дојде таму, навистина нема што да види, дува од сите страни, на дел од покривот има израснато трева, недостасува таванска конструкција, а на многу локали, особено на вториот кат, стои натпис „дуќанот се издава“.

– Трговскиот пропаѓа веќе подолго време. Најбитно е да биде затворен и климатизиран и да биде пријатно за шетање и во лето и во зима. Не можам да ги разберам полемиките што се водат за надворешниот изглед, а никој не зборува за негова реконструкција внатре – ни рече еден од сопствениците, кои веќе долги години има бутик за облека во ГТЦ, пишува Телеграф.мк

2

Кога ќе се направи прошетка по трговскиот центар не може да не се забележи откорнатиот таван на приземјето, зараснатата трева на покривот, подвижните скали кои често не работат, зацрнетите ѕидови на паркингот во подрумот.

3

Во такви услови, објектот функционира само до 19-20 часот, а во вечерните часови, народоски кажано, нема „живо пиле“.

Дуќанџиите велат дека не можат да разберат како цените за кирии наместо да се намалуваат со години се останати исти. Така, за изнајмување дуќан на вториот кат се плаќа и по илјада евра, оние на првиот кат по 1.500, а, пак, изнајмување дуќан на приземјето, каде што фреквенцијата на луѓе е најголема, може да достигне и 2.000 евра.

4

Дополнително, се жалат и на високите цени што треба да ги плаќаат за одржување на објектот.

– Кога сѐ ќе се собере, излегува дека во вакви услови може да опстојат само оние што имаат објект во своја сопственост, додека, пак, другите едвај преживуваат. Најпрофитабилно работат обложувачниците и бурекчилниците – велат дуќанџиите.

Посетителите на трговскиот велат дека тој низ годините го изгубил приматот со модерните „молови“, каде што може да се помине буквално целиот ден и воопшто да не биде досадно и каде што човек може да отиде на пазарење, да испие кафе и да ги однесе децата во игротека. Затоа велат дека реконструкцијата на ГТЦ мора да почне што побрзо.

Сегашниот објект на ГТЦ е изграден во 1971 година, од средствата за солидарност по земјотресот на Скопје.

ФОТО: Телеграф.мк

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.