Дунга ќе биде новиот селектор на Бразил

Легендарниот репрезентативец на Бразил, Карлос Дунга, во текот на утрешниот ден и официјално ќе биде именуван за нов предводник на петкратниот светски шампион и за наследник на Луис Филип Сколари.

Брaзилските медиуми потврдија дека раководните лица во Фудбалската федерација постигнале договор околу ангажманот на Дунга кој според нив го има потребниот капацитет и квалитет, во најбрз можен рок, Бразил да го врати на победничката патека и да го рехабилитира од срамните порази во последните два натпревара од изминатиот Мундијал во Бразил.

Освен Дунга, во игра за селекторската функција е и актуелниот тренер на бразилскиот прволигаш Сао Пауло, Мариси Рамањо, но 58-годишниот стручњак веќе има изјавено дека би сакал да остане во клупските води.