Дуња Мијатовиќ: Лустрацијата на Костова може да се смета како притисок врз Фокус

Одлуката на Комисијата за верификација на фактите за лустрирање на Јадранка Костова, главен уредник на „Фокус“, може да се смета за притисок врз магазинот и загрозување на овој медиум, што како последица може да има поразителен ефект за слободата на медиумите во вашата земја, напиша Дуња Мијатовиќ, Комесар на ОБСЕ за слобода на медиумите , во писмото до претседателот на македонската Лустрациска комисија, Томе Аџиев.

Како што соопшти ОБСЕ, Мијатовиќ изразува загриженост поради одлуката за прогласување на Костова за информатор на тајните служби од 1993 до 1996 година. Сепак, таа во писмото посочува дека не ја оспорува лустрацијата, туку само посочува дека не смее да се користи како алатка за замолкнување на критичарите.

„Земајќи предвид дека „Фокус“ е веќе под притисоци, вклучувајќи и низа граѓански парници за клевета со крајно високи побарувања од магазинот и од неговите новинари, одлуката на Комисијата за верификација на фактите може да се смета за притисок врз магазинот и загрозување на овој медиум, што како последица може да има поразителен ефект за слободата на медиумите во вашата земја“, му пишува Мијатовиќ на Аџиев.

Таа посочува дека ќе продолжи будно да го следи овој проблем и неговите идни развои кои би можеле да имаат негативен ефект врз слободата на изразување и врз слободата на медиумите.