Дури 20 отсто од вработените во ФЗОМ денеска даруваа крв

Дури 20 отсто од вкупно 800 вработени во Фондот за здравствено осигурување на Македонија денеска се вклучија во крводарителната акција „Спасете живот дарувајте крв“ која е организирана во соработка со Институтот за трансфузиона медицина и Црвениот крст.

Крводарителната акцијата е на иницијатива на директорката на Фондот, Маја Паранарџиева Змејкова која и самата даруваше од течноста што живот значи.

Периодот за организирање на крводарителната акција е договорен токму сега, кон крајот на јануари, поради тоа што во овој период потребите за крвни единици се најголеми.

Крводарителната акција се одвива на ниво на цела институција и вработените на Фондот денеска даруваа крв во Скопје и во 29 градови во државата, каде Фондот има подрачни служби.

„Ние вработените во Фондот не се грижиме само за здравствената политика, туку ги мотивираме сите да даруваат крв за да се спаси нечиј нечиј живот“, изјави Парнарџиева Змејкова и упати апел доколку сме во можност, да се вклучиме во што поголем број.

Планирано е оваа крводарителска акција да биде традиционална и да се организира секоја година под мотото „Фондовско срце“.