понеделник, 28 ноември 2016  |  Вести денес: 81

Дури 80% поддршка од државата за системи „Капка по капка“ и ископ на нови бунари

Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Ванчо Костадиновски денес ги информира земјоделците дека законските решенија се предложени и истите ќе бидат донесени кон крајот на септември или почеток на октомври.

kapka-vanco-640x362

Последни вести

Се исполнуваат ветувањата дадени кон земјоделците ширум Македонија.  Владата од 2017-та година ќе овозможи поддршка од дури 80 % за системите „Капка по капка“ и ископ на нови бунари.

Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Ванчо Костадиновски денес ги информира земјоделците дека законските решенија се предложени и истите ќе бидат донесени кон крајот на септември или почеток на октомври.

-Во моментов проектот за инсталирање на „Капка по капка“ предвидува поддршка на земјоделците кои набавиле и реализирале ваков систем, во висина од 50% од реализираната инвестиција. Истиот сега се однесува само за житни и фуражни култури и со критериуми за оние кои што имаат од 1 до 20 хектари капацитети. Со оваа мерка која ја промовираме денес покрај во програмата за рурален развој ќе предложиме и измена на законот за земјоделство и рурален развој, висината од 50 % ќе ја зголемиме на 80 % и ќе овозможиме зголемување на површините како критериум со кој ќе се одлучува при одобрувањето на апликациите за овој проект кој ќе почне да се применува од 2017-та година. Тоа значи дека ако до денес сме имале реализација на неколку стотици хектари за околу 60 лица, планираме да го зголемиме  бројот на одобрени проекти и површината која ќе биде покриена од вакви системи за наводнување вклучувајќи ги и бунарите кои на оние места каде нема канали и системи за наводнување, ќе овозможиме  покривање на инвестициите за ископување на бунари. За тоа планираме исто така да обезбедиме средства во програмата за рурален развој, информира Костадиновски.

Воспоставувањето на систем за наводнување и соодветно дозирање на водата во целиот производен систем, овозможува зголемување на земјоделските приноси, кај некои култури и за неколку пати. За таа цел, а во насока на подобро искористување на природните ресурси, Владата преку МЗШВ предлага субвенционирање за воспоставување на алтернативни системи за наводнување и воспоставување на системи Капка по капка. Целта на оваа мерка е зголемување на обработливите површини под систем за наводнување, за подобрување на квалитетот и приносите на земјоделското производство.

Право да конкурираат ќе имаат физички лица, на кои земјоделството им е примарна дејност (регистрирани земјоделци за производство на раноградинарски производи или за овоштарство), земјоделски компании, или земјоделски задруги.

Цел на набавка е опрема за воспоставување на систем за наводнување за расадници, одгледување на раноградинарски култури, овоштарство или за наводнување на стакленичко или пластеничко производство.

Преку мерката финансиски ќе се подржат земјоделците и земјоделските стопанства за инсталирање на модерни системи за наводнување. Тоа ќе донесе сериозна заштеда. Проценките говорат дека цените за чинење за инсталирање на систем Капка по капка за површина од еден хектар за следниве површини изнесува:

  • За овошен насад – 105.797 денари;
  • За лозов насад – 114.422 денари
  • За систем за наводнување на пченка (Житни култури) – 123.000 денари

Максималната површина за која ќе се однесува поддршката ќе биде до 50 хектари.

kapka-po-kapka

На пример, согласно претходните пресметки за десет хектари, за наводнување на житна култура вкупната инвестиција за Капка по капка ќе биде 1 123 000 денари. Дури 984,000 денари односно e 80% ќе покрие државата, ова се пари кои остануваат во џебот на македонскиот земјоделец, а остатокот го обезбедува корисникот.

Овие 20 проценти кои треба да ги обезбеди корисникот од сопствени средства, за задругите и земјоделските компании кои имаат и поголеми површини каде инвестицијата е и позамашна, може да ја искористат евтината кредитна линија од Македонската банка за поддршка на развојот која обезбеди 10.8 милиони евра за евтини кредити земјоделските стопанства. Каматната стапка е само 2% а рокот на отплата до 5 години. 

Што се однесува до ископот на бунари, просечната сума која е потребна за изградба изнесува околу 150 илјади денари, на длабочина до 50 метри. Со оваа најнова мерка државата ќе покрие дури до 80%, пари кои остануваат како заштеда на земјоделецот. Дополнително ќе бидат извршени и законски измени со кој што ќе се олесни постапката за добивање на водостопански дозволи за изградба на бунари. 

Со мерката не само што земјоделците ќе заштедат 80% од сумата за инсталирање на системот и изградба на бунари, туку и ќе имаат зголемен принос што значи екстра профит и заработувачка. Затоа е потребна масовна примена на системот.

-Ќе бидеме силно фокусирани на зголемување на површините на кои ќе се инсталираат вакви системи заради постигнување на повеќе ефекти. Сите се согласни и тоа е факт дека во Република Македонија почвите се квалитетни и имаме добри климатски услови за одгледување и на овошни култури и на житни култури, пластеници и стакленици како и останати култури. Ефектите кои овозможуваат намалување на трошоците за производство на овие култури, зголемување на приносите и заработувачката за земјоделците, објасни заменик министерот.

kapka-2

„Капка по капка“- ефикасен систем користен низ Европа 

Системот Капка по капка е измислен и усовршен во Израел, во шеесетите години на минатиот век и во сферата на земјоделието се применува како револуционерна техника која буквално неповолните површини ги претвара во корисно земјоделско земјиште.  Првиот експериментален систем од ваков вид е воспоставен во 1959 г за да многу брзо се распространи и се основа компанијата за наводнување наречена Нетафим. Оваа израелска компанија ја има развиено и му го има понудено на светот првиот систем за наводнување капка по капка, и до ден денешен е светски лидер на т.н. “паметни“ (smart) системи за наводнување.  Со 28 подружници и 17 производни капацитети, нетафим вработува 4.300 вработени ширум светот и им нуди иновативни решенија на производителите од 110 земји во светот, без разлика на големината на производните стопанства. 

Ефикасниот систем за наводнување Капка по капка станува се позначаен за земјите од Европската Унија. Во 2010 година, системот е прифатен како основен метод за наводнување во три земји-членки на Европската Унија, односно во Кипар, Малта и Словенија. Па така, системот беше најпопуларен облик на наводнување во Кипар (применет од 75,9% од сите земјоделски стопанства), Малта (52,5%) и Словенија (52,0%). Од податоците се гледа дека системот Капка по капка, во просек е застапен кај 30% кај земјите членки на Европската Унија, со подеднаков удел со системите на наводнување со распрскување и системи на површинско наводнување.

Зошто е добар и корисен системот Капка по капка и што претставува оваа технологија?

Наводнувањето Капка по капка има многу предности во однос на другите начини на наводнување, и тоа:

  1. Водата оди таму каде е потребна што е една од најголемите предности на овој вид на наводнување
  2. Траките (цревата)се поставуваат непосредно покрај растенијата така што се наводнува само зоната на кореновиот систем. Водата оди директно на коренот на растението.
  3. Овозможува заштеда на вода која е ресурс кој недостасува на глобално ниво.(заштедите на вода се најмалку до 30 отсто во зависност од составот на почвата)  Ефикасно се искористува водата со тоа што се наводнува само зоната на коренот и не се заливаат делови на кои нема растенија, се намалува количината на вода за залевање.
  4. Лесно се инсталира. Системот капка по капка е релативно ефтин систем за залевање и лесно се поставува. Обуката е кратка и лесна што значи дека секој може да го практикува системот.
  5. Се овозможува рамномерно и прецизно залевање. Нема промени кај растенијата заради брзата промена на режимот на влагата.
  6. Се намалува појавата на плевели. Заради наводнување исклучиво во зоната  на кореновиот систем, намалена е појавата на плевели бидеjќи нема непотребно влажнење на околната површина.

Систем со широка примена

Може да се користи на различни кофигурации на теренот и на различни типови на почви. На траките се наоѓаат капалки кои пропуштаат различна количина на вода (од 2-12 литри по метар). Врз основа на карактеристиките на теренот, водата и потребите на растенијата за вода, се одредува правилен режим на наводнување врз основа на којсе врши избор на траките(црева) за наводнување. Системот Капка по капка е идеален за прихранување на растенијата, затоа што на тој начин се врши дозирање и апликација на храна директно во зоната на коренот. Овозможува примена на неопходни хемикалии заедно со водата, што има предност и од економска и од еколошка гледна точка. Се намалуваат габните заболувања кои настануваат со задржување на водата на лисјата.Може да се користи без создавање на ерозија на почвата на наклонети терени. Овозможува наводнување во текот на цветањето без загрозување на опрашувањето. Постои намалена опасност од засолување на почвите, честото наводнување влијае на намалувањето на концентрацијата на соли во почвата, ја елиминира можноста за директни оштетувања на листот од висока концентрација на соли. Не бара посебно одржување и нема дополнителни трошоци за одржување.

kapka4

Примерите кои се реализирани кај нас во Македонија покажуваат дека со правилна употреба на системот приносот може да се зголеми за половина, а кај некои култури и за повеќе пати.

Пример 1.

Официјалните приноси на пченка во Македонија е околу 4.2 тони на еден хектар, додека со проектот на УСАИД со кој се поддржа инсталирање на систем капка по капка постигнат е просечен принос од 13 тони на еден хектар или повеќе од три пати во ситуациите кога се употребувал системот.  Додека генералниот распон на производство се движел од 8 тони, па стигнувал до 18 тони по засеан хектар, зависно од други фактори, како што е климата квалитетот на почвата. Но сето тоа било далку над она што било добиено преку употреба на традиционалниот начин на наводнување. Дополнително, зголемено било и количеството на силажа што исто така се користи како сточна храна.

Пример 2

Системот Капка по капка беше поставен на опитно поле во јуни 2014та година со донација од Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси. На полето од еден хектар сончогледи (пелагонски и полошки регион) се овозможија приноси од околу 5 тони, четирипати повеќе од националниот просечен принос од 1,2 тони по хектар. Квалитетот на сончогледот е, исто така, значително подобрен во споредба со насадите кои не се наводнуваат соодветно, а со тоа се гарантираат и повеќе од двојно поголема откупна цена.

Значи преку употребата на системот Капка по капка за половина, двојно, некаде тројно или повеќе се зголемува производството. Таквото зголемено производство значаи половина, двојно, тројно или повеќе пати зголемени приходите за земјоделецот што ќе значи и можност за реинвестирање, проширување на производството, инвестиција и средства за користење на некоја друга мерка поволна за неговото производство. Што значи можност за екстра заработка и збогатување на земјоделците.

Истовремено на овој начин ќе се намалат и несогласувањата за распределба на водата како ресурс и трошоците за скапи и тешко одржливи системи за наводнување кои често пати се поскапи и од родот.

Најчитани вести