Душебаев ќе игра против Нексе

Македонскиот ракометен шампион Вардар викендов ќе се обиде да ја прекине серијата од два порази. Вардарци загубија од ПСЖ и Војводина, а се надеваат дека тоа нема да се случи и на гостувањето во Нексе. Овој натпревар се игра во сабота во Осијек со почеток во 17. 00 часот, а тренерот Раул Гонзалез Гутиерес на располагање ќе го има и Шпанецот Алекс Душебаев.

„Се надевам дека одморот позитивно влијаеше врз играчите и дека на натпреварот против Нексе ќе имаме многу посериозен пристап. Очекувам победа на гостувањето, иако знаеме дека тоа е екипа која игра цврст ракомет на домашен терен. Задоволен сум од враќањето на Алекс Душебаев на теренот, со што добиваме многу повеќе опции во нападот,”изјави Раул Гонзалес.

Десното крило Владимир Петриќ, со победничи очекувања од гостувањето против Нексе се со цел враќање на самодовербата на ракометарите.

„Мислам дека Нексе е одлична екипа кога игра на домашен терен, но ние сме Вардар и секогаш одиме на победа. Квалитетот е на наша страна, обезбедивме пласман во ТОП 16 фазата од Лигата на шампионите и екипи како Нексе не би требало да ни го попречат патот до “фајнл фотот во СЕХА лига. Мораме многу посериозно и без потценување да му пристапиме на овој меч, бидејќи видовме што ни се случи со Војводина кога се потценува противникот” изјави Петриќ.