Душебаев повторно меѓу најдобрите

Шпанскиот интернационалец во дресот на Вардар, Алекс Душебаев, продолжува со одличните игри, а доказ за тоа е неговиот повторен избор во идеалниот тим во Лигата на шампионите. Младиот ас одигра уште еден фантастичен натпревар во црвено-црниот дрес, па заедно со Дибиров и Штербик беа најзаслужни за феноменалната партија во која Вардар го декласира составот на Чеховски медведи. Душебаев беше избран за најдобар десен бек, а зад него во изборот остана и нашиот Кире Лазаров, кој иако со девет гола ја предводеше Барселона до триумф над Висла, сепак не успеа да влезе во идеалниот состав.

Покрај Алекс Душебаев, место во најдобриот тим за второто коло обезбедија и левото крило на Ла Риоха, Хуан Гарсија, потоа средниот бек на Кил, Арон Палмарсон, како и левиот бек на Алборг, Емил Бергрен, потоа голманот на Веспрем, Роланд Миклер, десното крило Драган Гајиќ од Монпелје и пивотот на Висла, Тијаго Роча.