Два брака завршија со шест убиства и едно самоубиство

Два несреќни брака завршија со фатален исход изминативе две недели – со шест убиства и едно самоубиство. Првиот случај е разводот кој резултираше со тројно убиство во Кавадарци, а вториот несреќен настан се случи утринава во пробиштипско Злетово, кога маж изврши тројно убиство, а потоа беше најден обесен.

Двата случаи на тројно убиство имаат многу заеднички нешта.

Двајцата убијци работеле во државна безбедносна служба. Тројниот убиец од Кавадарци, Тони Станоев, бил припадник на Единицата за брза интервенција „АЛФИ“ и учествувал во конфликтот во 2001-та година, додека пак, тројниот убиец од Злетово, Драганчо Маноилов работел како професионален војник на АРМ.

Исто така ги поврзува фактот дека двајцата го извршиле убиството бидејќи не можеле да го поднесат љубовниот триаголник во кој се нашле, како и тоа дека нивни жртви не се нивните сопруги, туку родителите и роднини на истите.

Кавадарчанецот Тони, штотуку разведен, не можејќи да го поднесе фактот дека неговата сопруга е со друг маж, со пиштол ги усмрти мајката, таткото и сестрата на својата поранешна сопруга во нивната семејна куќа. Подоцна беше уапсен на градските гробишта во Кавадарци.

Драганчо Маноилов, кој до денес беше вработен како професионален војник во АРМ, утринава со службениот калашников ги усмрти мајката, таткото на својата сопруга и уште еден маж, кој неофицијално е чичко на љубовникот на жена му, а потоа побегнал. Подоцна е пронајден обесен маж, за кој се претпоставува дека е тројниот убиец од пробиштипско.

Ова е само уште еден во низата љубовни триаголници кои имаат трагичен крај и последици фатални по живот.

И двајцата злосторници претходно повеќе пати биле пријавувани за семејно насилство и и биле познати на полицијата.

Претходно јавноста ја потресоа низа вакви несреќни настани, како што беше двојното убиство и самоубиство во Кисела Вода, двојното убиство и самоубиство во скопски Аеродром, како и случајот кога маж од Арачиново ја застрела својата девојка, па се самоуби во скопската населба Ново Лисиче.