Два концерта „Дуке и пријателите“ во Скопје

Композиторот, пијанист и продуцент со меѓународна кариера Дуке Бојаџиев вечер во Метрополис арена во Скопје ќе одржи концерт „Дуке и пријателите“ организиран од „Авалон продукција“. Поради голем интерес од публиката, продукцијата  утревечер организира уште еден концерт.

Ќе гостуваат пријатели и соработници на Дуке: гитаристот Влатко Стефановски, пејачките Каролина Гочева и Тања Царовска, актерот Никола Ристановски, кларинетистот Исмаил Лумановски и перкусионистите Матијас Кунзли од Њујорк и Костас Анастасијадис од Грција, придружувани од камерен оркестар под диригентство на Саша Николовски-Ѓумар.

Концертот ќе биде 10-ти во серијата концерти на Дуке и проширена верзија на концертниот проект „Сон. Верба. Љубов“, кој минатата година тој го изведе во Македонија и со кој во октомври настапи во познатата Карнеги хол во Њујорк. Концертот е спој на фрагменти од музика што ја создал за македонски филмови, композиции од албумот „Љубовта е патот“ кои се комбинација од авторска, филмска музика и изворно македонско творештво.

– Ова ќе биде попроширена верзија, на многу поголема сцена. Десетти е во серијата концерти и ќе биде најбогат со музика, гости и  продукција. Ќе има и стари и нови композиции зашто проектот еволуира и се менува, рече Бојаџиев на прес-конференција пред неколку дена.

Планира проектот да продолжи и во иднина да ги внесува сите нови проекти на филмска музика која е негова главна преокупација. Ја работи музиката за новиот филм на хрватскиот режисер Рајко Грлиќ и очекува дека соработката со творци од регионот ќе значи и натамошно ширење на овој концертен проект и можност за гостувања надвор од Македонија.

Од најавените пријатели на концертот, прва ќе му биде соработката со Влатко Стефановски, за кого откри дека ќе ја изведе песната „Татко“ посветена на татко му, и со актерот Никола Ристановски кој ќе кажува љубовна поезија. Почестен е што Стефановски ќе му гостува на концертот зашто, како што рече, растел со музиката на „Леб и сол“. Ристановски, пак, подолго време го имал во план, но поради зафатената агенда на актерот досега не можеле да договорат заеднички термин.

Дуке Бојаџиев Охридско лето

„Авалон продукција“ ги организираше концертите на Дуке минатото лето во Хераклеја и во Античкиот театар.

–  Летото ветивме дека нема да застанеме. За само шест месеци пак сме заедно, на мое големо задоволство. Имаме светски концерт со македонски оркестар. Прекрасна соработка во изминатите месеци која очекувам да продолжи и по овој настан, рече Денис Илиоски од „Авалон“ за концертите кои ќе се одржат во Метрополис со поддршка на Телеком и на други спонзори. Посетителите ќе добијат ДВД од концертот на Дуке на Античкиот театар во Охрид од 9 август.

Бојаџиев долго време живее и твори во Њујорк, но своите проекти континуирано ги промовира и пред домашната музичка сцена. Автор е на филмска, електронска и акустична музика. Соработувал со оскаровците Џонатан Деми и Денис Тановиќ, како и со македонскиот режисер Столе Попов за неговиот последен филм „До балчак“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.