Два милиони евра за децата бегалци во Македонија и Србија

Секторот за хуманитарна помош и цивилна заштита на Европската комисија (ЕХО) му додели два милиони евра на Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) за помош на децата бегалци кои поминуваат низ Србија и Македонија.

Ова е прв финансиски придонес на ЕХО за работата на УНИЦЕФ со бегалци и мигранти што се движат низ Европа.

Средствата ќе бидат наменети за помош на околу 170 илјади деца и мајки кои транзитираат низ Македонија и Србија. За нив ќе бидат обезбедени простории што ќе работат 24 часа седум дена во неделата. Во нив семејствата ќе можат да се одморат, да добијат прва помош и неопходна зимска облека, како што се ќебиња и облека за деца. Ќе биде обезбедена и соодветна храна за деца на возраст помеѓу 0-24 месеци и совети за мајките што дојат за најдобрите практики во исхраната.

– Децата се заробени сред невидена и непредвидлива криза. Тие се во движење кон подобар живот во Европа. Сега кога демне зимата нивните потреби се поголеми од кога било. Ние не смееме да ги изневериме, вели Мери-Пјер Поарие, специјален координатор за кризата на бегалците и мигрантите во Европа.