Два нови парка во општина Аеродром

Општина Аеродром дополнително ќе се разубавува. Добрата соработка со Градот Скопје ќе резултира со изградба на уште еден голем парк, а тоа е само еден од проектите кои ќе се реализираат наредната година во општината.

-Во наредниот период со Град Скопје имаме да реализираме голем број на проекти. Очекувам уште оваа недела да почнеме со изградба на подземните контејнери во Аеродром, истовремено работиме и во делот на уредување на зеленилото. Наредната година очекуваме изградба на еден голем парк од страна на Градот во нашата општина, истовремено уште еден парк кој треба да го гради општината. Максимално сме насочени кон подобрување на условите на живеење на жителите на општина Аеродром и на Град Скопје и во таа насока и понатаму ќе продолжиме да работиме заедно се со цел на крај граѓаните да бидат задоволни, истакна градоначалникот на општина Аеродром Ивица Коневски.

Градскиот татко Коце Трајановски истакна дека до сега се реализирани голем број проекти во Аеродром, а со исто темпо ќе се продолжи и во наредните години.

-Следната 2015 година ја продолжуваме втората фаза од „Трета Македонска Бригада“, исто така го продолжуваме и булевар „АСНОМ“, а ќе биде обновен и асфалтот на „Јане Сандански“, потенцираше Трајановски.

Инаку, денеска и во следните два дена, јавните претпријатија на Градот Скопје на територијата на општина Аеродром, со луѓе и механизација ќе работат на терен во областите на нивното дејствување. Целта на овие средби и акции е, како што рече градоначалникот Трајановски, да се покаже дека јавните претпријатија не се само на Градот, туку истите се во служба и на општините и граѓаните.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.