Два тешки инциденти на „Џон Кенеди“ во Чаир

Два тешки инциденти едноподруго се случија вчера на улицата Џон Кенеди во скопската населба Чаир. Во едниот инцидент беше убиено дваесет и четиригодишно момче, а во вториот триесет и четиригодишник паднал од тераса и тешко повреден бил однесен во болница.

Како што веќе е објавено, вчера во околу 17,40 часот, пред угостителскиот објект „Цирих“, од возило во движење било пукано од огнено оружје кон Бурим Идризи (24) од Скопје. Повредениот со возило на итна медицинска помош бил пренесен во Ургентен центар Скопје, каде во 18,30 часот починал. Убиецот побегнал, а според информација на скопското обвинителство, на убиството му претходела расправија.

Околу час и половина по убиството, од тераса од третиот кат на зграда на улицата Џон Кенеди, паднал Ф.Ш. (34). По падот тој со возило на итна медицинска помош бил однесен во скопскиот Ургентен центар, каде му биле констатирани тешки телесни повреди, односно лекарите утврдиле дека тој има масивно нагмечување на градниот кош и белодробните крила, поради што бил задржан на понатамошно лекување.