Дваесет и двајца натпреварувачи од 14 земји во сабота на Охридски маратон

Дваесет и двајца натпреварувачи од 14 земји ќе учествуваат на 28. Пливачки маратон што во сабота ќе се одржи на патеката „Климе Савин“ од манастирот „Свети Наум“ до Градското пристаниште во Охрид.

На 30-километарската патека во водите на Охридското Езеро точно напладне ќе запливаат 16 мажи и шест жени од Казахстан, Бразил, Аргентина, Италија, Белгија, Франција, Македонија, Германија, Чешка, Хрватска, Русија, Шпанија…

Целта, според претседателот на Сојузот на спортови од Охрид Коста Карадимче, е предвидена за по 17 часот, а по пристигнување на сите учесници на Градското пристаниште, покровителот на манифестацијата, претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов ќе ги додели наградите. Наградниот фонд за 28-от Пливачки маратон е 10.000 долари.

„Очекуваме интересен натпревар, бидејќи годинава има познати македонски натпреварувачи, кои треба да се предизвик за посетеност на маратонот, бидејќи се во првите на светската ранг листа за 2014. Меѓу нив би ги издвоил Васил Велков и Евгениј Поп Ацев“, изјави за МИА Карадимче.

Во рамки на фестивалот Охрид фест, во петок вечер ќе бидат претставени сите натпреварувачи.

Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески нагласи дека Охридскиот маратон е голем промотор на градот во светски рамки.

„Локалната самоуправа направи максимални напори маратонот да биде на што е можно повисоко ниво. Очекувањата на целата наша спортска јавност се големи поради учеството на нашиот пливач Томи Стефановски, кој е годинашен фаворит и доколку победи ќе стане светски шампион во пливање за 2014 година“, рече Бакрачески.

Охридскиот пливачки маратон континуирано се одржува од 1992 година, а првиот официјален маратон во Охрид бил одржан во 1962 година на патеката Пештани – Струга – Охрид во должина од 36 километри. Победник на овој маратон бил египјанецот Абу Хеиф, а третото место му припаднало на охриѓанецот Дики Бојаџи, додека во женска конкуренција победила неговата сестра Атина Бојаџи.

Годинава, според Карадимче, се навршуваат 60 години од првиот организиран маратон во Охрид, во 1954 година, на релација Горица – Охрид во должина од 2,5 километри, каде учествувале осум натпреварувачи. Победник на овој маратон бил Нико Нестор.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.