Македонија

Дваесет и една година специјална единица во АРМ

Дваесет и една година специјална единица во АРМ

Полкот за специјални операции (пСО) при АРМ денеска во касарната „Илинден“ ќе одбележи 21 година од основањето.

На свеченоста ќе присуствуваат министерот за одбрана Зоран Јолевски, заменикот на началникот на ГШ на АРМ  генерал-потполковник Насер Сејдини, командантот на пСО бригаден генерал Васко Ѓурчиновски и претставници од Министерството за одбрана.

На 1-ви март 1994 година е формиран баталјонот за специјални намени, кој беше основната единица при формирањето на одредот за специјални намени, кој подоцна се трансформира во пСО. Со формирањето на оваа единица, АРМ ја започна професионализацијата, а во составот на пСО од неговото формирање до денес, се наоѓаат професионални војници.

Кандидатите за прием во пСО поминуваат строги критериуми на селекција, со кои од нив се бара висок степен на психофизичка подготвеност, како за старешините, така и за професионалните војници.

Оваа единица повеќе од две децении постигнува врвни резултати на полето на стручно-специјалистичката обука, а високо е оценета и одликувана за петгодишното учество во мисијата „Слобода за Ирак“ и за учеството во наменските сили „Феникс“ во мисијата ИСАФ во Авганистан.

Основната мисија на пСО е изведување на специјални операции во мирновремени и во услови на конфликт, борба против тероризмот и други дополнителни активности. Покрај ова, една од задачите на пСО како дел од декларираните сили на АРМ, е учество во меѓународни операции за поддршка на мирот, како и превенција и справување со регионални конфликти и кризи во операции предводени од НАТО, ООН и ЕУ.