Магазин

Дваесет македонски дизајнери на априлскиот Моден викенд

Дваесет македонски дизајнери на априлскиот Моден викенд

фото: Ани &Дими

Првата априлска недела ќе ја одбележат ревии на дваесет македонски дизајнерски имиња и
модни куќи во рамките на деветтото издание на Моден викенд Скопје кое ќе се одржи од 1 до 6 април на неколку локации во Скопје.

Најновиот каталог кој ќе ја следи деветтата сезона е во знакот на Next nature- таканаречената „Следна природа“ која ја дизајнираат новите културни навики и новата технологија водена од динамичното секојдневие.

Обединетите црвена и плава преточени во магента, прелеани со раскошни 3Д цветови ќе го обојат модниот април.Сезоната пролет –лето 2014 по вторпат ќе ја отвори првоаприлски моден маскенбал во клубот „Станица 26“ како најава за многу мода и забава кои ќе го исполнат шестдневното случување.

Она што не смеете да го пропуштите во ова издание на Моден викенд Скопје е шоурумот во концептуалнотокафулето „Концепт 37“ каде што веднаш по ревиите, колекциите на дизјанерите и модните куќи ќе се „преселат“ и ќе бидат достапни за купувачите во текот на целиот ден потоа. Моден викенд Скопје го прави ова со цел македонските дизајнерски имиња да им ги доближи повеќе на домашните љубители на модата.

Брендот „Hard to explain“ со моделите на Катерина Попева и Марија Дацевска ќе се претстави низ моден перформанс пред нивното ателје во Старата скопска чаршија. Модната куќа Елена Лука на Моден викенд Скопје ќе ги прикаже моделите за претстојната сезоната пролет-лето 2014 година,уникатни креации со арома на лукс кои ја следат елегантната силуета на жената. Во рамките на пролетниот Моден викенд ќе ги видиме и моделите на Јасмина
Дракул.

Едно поинакво модно доживување ќе приреди модната куќа „Mcouture by Mila Kadriu“ која на моден бранч во градина ќе ја прикаже најновата колекцијата.

Пролетниот Моден викенд Скопје ќе го затвори најновата колекција на Росица Мршиќ.