Дваесет милиони денари за враќање на автентичниот изглед на дуќаните во Старата скопска чаршија

Министерството за економија, континуирано поддржува проекти на локалната самоуправа кои имаат економско влијание врз граѓаните, а за проектот на општината Чаир, за враќање на автентичноста на дуќаните во Старата чаршија во Скопје, ќе ја продолжи оваа традиција со финансиска поддршка за негова имплементација.

Ова го изјави министерот за економија Беким Незири кој денеска по денешната консултативна средба со градоначалникот на општина Чаир Изет Меџити и државниот секретар во Министерството за култура Бехиџудин Шехапи, на која тема за дискусија беше проектот за враќање на автентичниот изглед на Старата чаршија во Скопје, пишува МИА.

– Министерството за економија со Програмата за подршка на туризмот за 2015 година издвои 20 милиони денари за поддршка на проекти во Старата скопска чаршија. Во конкретниов случај станува збор за проект кој има за цел да го врати оригиналниот изглед на дуќаните во Старата скопска чаршија, како една од најатрактивните локации за привлекување на странски туристи, која се вбројува меѓу најголемите чаршии на Балканот. Ние, како централна власт и, секако, општина Чаир имаме обврска да ги поддржуваме ваквите проекти, со цел да се привлечат што повеќе странски туристи, рече министерот Незири.

Градоначалникот Меџити нагласи дека целта на овој проект е да се врати сјајот на Старата скопска чаршија, бидејќи денес во една единствена уличка може да се најдат десет различни излози, изградени од метал, од дрво и други материјали кои не ја пренесуваат автентичноста на чаршијата.

– За да се врати автентичноста на Старата чаршија како пример го земавме моделот на Сараево, чија чаршија е една од најпознатите и во која сите дуќани и улички се унифицирани. За реализација на овој проект ќе се користат средства од ИПА Програмата со кои ќе го вратиме оригиналниот изглед на локалната заедница во чаршијата и на дел од дуќаните во неа. Дуќаните ќе се реновираат, само со согласност на сопствениците, што значи тој сегмент ќе се изведе само со нивна желба, односно не е задолжителен. Сите трошоци ќе ги покрие општината, во соработка со Министерството за економија, истакна Меџити.

Државниот секретар Шехапи рече дека овој проект е поддржан од Министерството за култура и дека секоја иницијатива ќе се спроведува во координација со вклучените институции.

Министерот Незири категорично ги отфрли дезинформациите кои беа пренесени во некои медиуми дека овој проект е задолжителен за занаетчиите и сопствениците на дуќани во чаршијата, односно дека се обврзани да ги заменат излозите на продавниците, додавајќи дека иако Министерството за економија и општината Чаир ќе го покријат поголемиот дел од инвестицијата, ова нема да биде направено без согласност од сопствениците и од Здружението „Еснаф“.