Двајца малолетници повредени во сообраќајка во Гостивар

Две 14-годишни деца од Чајле се повредени во сообраќајката што вчера околу 21 часот и 30 минути се случила на улицата Питарница во Гостивар, информираше денеска портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифоски.

Според неговите податоци двајцата малолетници биле на моторцикл што едниот од нив го управувал без дозвола, а во сообраќајката учествувале и  два автомобила –  Голф што го управувал М.М.(55) од Балин дол и Шкода што ја управувал Д.С.(41) од Гостивар.

Во несреќата двајцата малолетници се здобиле со телесни повреди и по укажаната лекарска помош во гостиварската болница биле пуштени на домашно лекување.

Ова е втора несреќа во која е повреден малолетник на моторцикл во Гостивар само овој викенд откако во ноќта помеѓу петокот и саботата 14-годишна малолетничка која била совозачка на моторцикл се здобила со скршеница на десната потколеница и други повреди при судирот на моторциклот што го управувал 16 годишен малолетник од Гостивар со автомобил Форд ескорт.

Јосифоски посочи дека од следната недела СВР Тетово планира повеќе теориски и практични активности во рамките на образовно превентивен проект за поголема безбедност при управувањето со мотори при што главна целна група ќе бидата малолетниците околу нивното информирање за законските прописи за управување со мотор со соодветна дозвола, носење заштитна опрема и слично, како и законските последици од нивно непочитување.

Како пример Јосифоски наведе дека управување на мотор без соодветна дозвола се казнува со 300 евра во денарска противвредност и 400 евра во денарска противвредност за оној што му го дал на малолетникот моторот на управување.