Двајца морнари ја напуштиле аргентинската подморница неколку дена пред нејзиното исчезнување

Двајца членови на екипажот на аргентинската подморница „Сан Хуан“ го прекинале своето учество во пловидбата неколку дена пред нејзиното исчезнување во јужниот дел од Атлантскиот Океан, соопшти портпаролот на аргентинската воена морнарица, Енрико Балби.

„Во Мар дел Плата на бродот се качиле 45 лица, но еден од нив се симнал во Ушуаја од лични причини, поради болест на мајката“, рече портпаролот Балби. Според него, од најјужниот град во Аргентина мажот со авион се упатил кон неговиот дом во покраината Џуџуи, во северозападниот дел од земјата.

Покрај него, во Ушуаја од подморницата се симнал и еден поручник. Тој бил заменет со друг припадник на воената морнарица. Бидејќи промените во екипажот на подморницата се случиле во последен момент, во првите денови од исчезнувањето на бродот имало конфузија со списоците, поради што медиумите во почетокот заговараа верзија дека на исчезнатата подморница имало повеќе луѓе од 44 членови на екипажот, колку што официјално објави морнарицата.

Според податоците на аргентинската морнарица, во долгорочни операции на подморницата од типот на „Сан Хуан“ може да има до 50 лица. Притоа, бројот на лежаите на бродот е предвиден за 38 луѓе. Другите морнари се распоредуваат во одделот за торпеда. Како што истакна претходно Балби, зголемувањето на бројот на членови на екипажот се овозможува со намалување на товарот за секој од нив.

Подморницата „Сан Хуан“ е изградена во Германија за потребите на аргентинските поморски сили во чиј состав е вклучена во 1985 година. Таа е долга 66 метри, и достигнува брзина до 25 јазли.

Во јужниот дел од Атлантскиот Океан продолжува потрагата по подморницата со ознака „S42 San Juan“ на поморските сили на Аргентина. На 31-ви октомври та испловила од базата во градот Мар дел Плата, во покраината Буенос Аирес во централниот дел на земјата, со 44 членови на екипажот. Последната комуникација со подморницата кога екипажот ја одредил локацијата била на 15-ти ноември, во 7,30 часот по локални време, кога била оддалечена на 432 километри од брегот на полуостровот Валдез, во покраината Чибут.