Спорт

Двајца нови фудбалери во Вардар

Двајца нови фудбалери во Вардар

Интернационалецот од Гана Мустафа Куајнoр и бразилскиот напаѓач Итало Хозе Оливеира дос Сантош денеска потпишаа договори со македонскиот фудбалски шампион Вардар.

22-годишниот Куајнор е фудбалер од средниот ред, има искуство со играње на Кипар и во Австралија. Договорот на Куајнор е во траење од две години, со можност истиот да биде продолжен на уште една.

– Среќен сум и задоволен што потпишав за Вардар. Драго ми е што станав дел од оваа екипа и со нетрпение чекам да заиграм за екипата. Ова за мене е голем предизвик што ќе настапувам во дресот на оваа екипа која е најдобра и најтрофејна во Македонија. Дoјдов во тим кој што секоја сезона се бори за титулата и се надевам дека заедно ќе успееме да ги исполниме амбициите на клубот, изјави новиот играч од средниот ред на шампионот.

Тој има настапувано за Адуана Старс од Гана, од каде оди во Кипар и игра за АЕЛ Лимасол, Алки Ларнака и Ермис Арадипу. Последната година играше во Австралија во екипата на Паское Вале.

Бразилецот Итало потпиша со шампионот едногодишен договор. 29-годишниот фудбалер дојде во Вардар од Регатас од Бразил.

– Верувам дека брзо ќе се прилагодам на екипата и со нетрпение чекам да заиграм со моите нови соиграчи. Сега е на мене да почнам да тренирам со мојот нов тим и што побрзо да се подготвам за сезоната и да ги оправдам очекувањата од клубот. Пред да дојдам тука научив дека дека Вардар е најтрофејниот македонски тим и дека е три пати по ред шампион. Се надевам дека и во оваа сезона Вардар ќе успее да ја одбрани титулата и повторно да биде шампион и да игра во Лигата на шампионите следната сезона. Исто така знам дека екипата игра во плеј-офот во Лигата на Европа против Фенербахче и се надевам дека Вардар ќе излезе како победник и ќе успее да помине во групната фаза, порача Итало за клупскиот сајт на „црвено-црните“.

Итало во младинските категории настапуваше за Коринтијанс Алагоано, а потоа беше дел од португалскиот тим Маритимо од 2006 до 2010 година. Следниот период играше за Интернасионал, за повторно во 2012 година да се врати во Маритимо. Во 2014 година беше дел од Паулиста, а од 2014 до 2016 година игра за бразилскиот тим Аудаш. Во 2016 стана дел од Сао Паоло, а последен клуб му е Клуб де Регатас.