Двајца од т.н. Дреничка група осудени на 18 години затворска казна

Основниот суд во Косовска Митровица денеска донесе пресуда според која двајца членови на таканаречената “Дреничка група” се осудени на вкупно 18 години затвор.

Пресудата доаѓа поради воени злосторства извршени врз цивили во логорот на ОВК во 1998 година. Останатите пет обвинети се ослободени.

Додека ја читал пресудата, претседателот на Основниот суд во Митровица и преставник на Еулекс, Дариус Скејалички нагласил дека Сами Љуштаку е осуден на 12 години затвор бидејќи на брутален начин, со три испалени куршуми во главата му го одзел животот на неидентификуван Албанец на возраст од 40-тина години.

Ова се случило во кампот на ОВК во селото Галици, во септември 1998 година.

Љуштаку е градоначалник на Србица и висок функционер во Демократската партија на Косово, а во 1998 година бил командант во ОВК во реонот на Дреница.

sami ljustaku

Сулејман Селими е осуден на вкупно 6 години затвор бидејќи за време на војната во Косово, на неколку наврати како припадник на ОВК извршувал насилства и постапувал нечовечно кон албански цивили, затвореници во логорот на ОВК во Ликовци, општина Србица.

Селими е бивш косовски амбасадор во Албанија и бивш командант на Косовските безбедносни структури, а за време на војната во Косово бил командант во главниот штаб на ОВК, познат под прекарот “Султан”.

Сабит Геци, Саит Јашари, Авни Забељи, Јахир Демаку и Исмет Хоџа се ослободени од обвиненијата за воени злосторства, како и за убиството на српскиот полицаец Иван Булатовиќ.

Припадниците на “Дреничката група” беа во притвор повеќе од две години. Тие беа обвинети за воени злосторства, тортура, злоставување и убиства на цивили кои се претпоставува дека се извршени во логорот на таканаречената ОВК во Ликовци, во областа Дреница.