Двајца Палестинци убиени во напад на израелската војска

Двајца Палестинци се убиени во неделата во напад на израелската војска со тенковски оган на набрудувачница на радикалната групација Исламски џихад на југот од Појасот Газа, објави министерството за здравство на оваа палестинска енклава.

Двајцата мажи биле убиени при тенковско гранатирање источно од Рафа, град во јужниот дел на Појасот Газа, се прецизира во соопштението.

Израелската армија потврди во соопштение дека тенк отворил оган во правец на позиција на Исламскиот џихад набрзо откако војниците активирале направа поставена близу оградата којашто го одвојува Израел од Појасот Газа.

Во втор инцидент, израелското воздухопловство изминатата ноќ кон неделата нападнало две позиции на исламистичкото палестинско движење Хамас, коешто управува со Појасот Газа. Како што објави израелската армија, овој напад бил одмазда за кусиот упад на Палестинци на израелска територија, но тие брзо се вратиле по истиот пат од кој навлегле.

Израелската акција, исто така, претставува против чекор на повеќекратните обиди на палестинските демонстранти да ја урнат оградата меѓу Газа и Израел, во текот на протестот „Марш за враќање“ барајќи го правото да се вратат на земјиштата од кои биле прогонети или побегнале Палестинците по формирањето на Државата Израел во 1948 година.

Израелските војници убиле најмалку 118 Палестинци од почетокот на споменатата кампања на 30-ти март, а најсмртоносниот ден со повеќе од 60 жртви беше 14-ти мај кога САД со свеченост ја преселија својата амбасада од Тел Авив во Ерусалим. На тој начин го прогласија Светиот град за израелска престолнина, и покрај тоа што Палестинците неговиот источен дел, кој меѓународната заедница го смета за окупирана од Израел палестинска територија со војната од 1967 година, го сакаат за главен град на својата идна држава.

По неколкуте блокади на резолуции од страна на САД во Советот за безбедност при Обединетите нации, минатата седница Советот на ОН за човекови права изгласа резолуција за испраќање специјална независна комисија во Појасот Газа која треба да ги испита кршењата на човековите права во текот на масовните палестински протести во енклавата.