Двајца приведени по вчерашниот протест пред Собранието

Во текот на вчерашниот ден, по протестите одржани пред Собранието на Република Македонија се приведени две лица на кои им се поднесени прекршочни пријави, информира денеска помошник министерот за внатрешни работи Иво Котевски, во касарната Ѓорче Петров каде што по повод одбележувањето на Денот на полицијата се реализира отворен ден за граѓаните, кои ќе можат да ја разгледаат изложената опремата од единиците во МВР, пренесе МИА.

Тој истакна дека во врска со завчерашните насилни протести пред Владата на Република Македонија кога беа повредени 38 полицајци, идентификувани се уште 9-мина учесници, но се уште се работи на квалификации на нивните дела во соработката со надлежниот јавен обвинител.

Претходно идентификуваните четири лица кои учествувале во насилствата врз полицијата, од кои две се претходно добро познати на полицијата, веќе се предадени на надлежниот јавен обвинител. Како што појасни Котевски, против првоосомничениот досега во 40 наврати се поднесувани разни кривични пријави поврзани со „насилен криминал“, додека за второосомничениот има 30 – тина прекршочни пријави.

– Од останатите приведени, досега на 17 лица им се издадени глоби и поднесени им се прекршочни пријави заради непочитување наредба издадена од овластено службено лице од надлежен државен орган, истакна Котевски.

На новинарско прашање дали треба да се бара одговорност од организаторот на протестите заради насилствата кои се случија, Котевски потенцира дека протестот од завчера воопшто не бил најавен во полиција, така што, подвлече, нема формално организатор.

– Дали некој се затскрива зад овие насилства кои се случија, не можеме да кажеме во овој момент. Разговарано е со 4-та кои се кривично пријавени, но тие до овој момент во истрага не даваат никаква релевантна информација во однос на тоа кој ги повикал и кој ги организирал, нагласи Котевски, изразувајќи надеж дека во судската постапка ќе излезе на виделина кој е организаторот и кој стои зад насилствата во полицијата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.