Двајца приведени за несреќата во московското метро

Руската полиција денеска приведе две лица осомничени за несреќата во московското метро во која загинаа 22 лица, јави ИТАР-ТАСС.

Портпаролот на Истражниот комитет на Русија, Владимир Маркин изјави дека се уапсени двајца железнички работници, постар мајстор и неговиот помошник, за кои се претпоставува дека ги прекршиле правилата за безбедност при сообраќајот.

Двајцата приведени се директно вклучени во процесот за монтирање на свртницата каде што се случи несреќата.

Механизмот на свртницата бил фиксиран со обична тримилиметарска жица, која според првичната верзија на истрагата се скинала, што било причина за трагедијата.

Маркин посочи дека истрагата продолжува, се вршат сложени технички и други експертизи, се проверува работата на сите одделенија задолжени за работата на метрото.

„Со сигурност може да се каже дека кругот на осомничените за ова кривични дело, ќе се прошири, со оглед на тоа што и двајцата приведени работници имаат свој надреден. Има и соодветни служби за контрола, кои се одговорни за безбедноста на транспортот, истакнал  Маркин.