Двајца руски војници загинале на Нова година во Сирија

Руското министерство за одбрана соопшти во четвртокот дека двајца руски војници загинале во исламистички минофрлачки напад во Сирија на Нова година.

„Воздухопловната база Хмејмин пред вечерта од монофрлачки оган беше нападната од група бунтовници, при што загинаа двајца војници“, се наведува во соопштението на министерството.

Министерство воедно остро го демантираше информациите на рускиот дневен весник Комерсант дека во нападот „практично биле уништени“ седум воени авиони, нарекувајќи ја лажана информација.

Министерството за одбрана истакнува дека по нападот е засилена безбедноста во околината на базата Хмејмим, на западот од Сирија.

Ден претходно, министерството извести дека истиот ден, на 31-ви декември, руски воен хеликоптер се урнал поради грешка во Сирија, при што загинале двајцата пилоти. Хеликоптерот летал за Хама, на северозападот од Сирија, и врз него не било пукано.

Русија во сирискиот судир се вклучи по барање на претседателот Башар ал-Асад со воздушна кампања во септември 2015 година и беше фактор за пресвртот на ситуацијата на теренот во полза на владините сили. На 12-ти декември 2017 година, откако рускиот претседател Владимир Путин од базата Хмејмим изјави дека мисијата е успешно завршена, започна делумното повлекување на руските војски од Сирија.

Русија во Сирија ќе го задржи својот Центар за помирување на завојуваните страни, три бригади на воената полиција, како и воздухопловната база Хмејмим и воено-поморската база во Тартус, изјави рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу.

Последните месеци Москва објави и дека нејзини специјални сили на теренот учествувале во борбите против џихадистичката група Исламска држава, откако САД признаа дека на сириска територија имаат распоредено 2.000 специјалци . Турција даде податоци дека американските сили воспоставиле тајни бази во Сирија, за коишто Русија обвинува дека служат како тренинг кампови за исламистите кои подоцна треба да ја дестабилизираат ситуацијата во Сирија, каде што владата на Асад повторно воспостави контрола над поголемиот дел од територијата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.