Двајца скопјани заработија кривични за насилство

насилство

Како што информира МВР, во првиот случај пријавените Б.Л и Д.П. извршиле насилство врз лицата Ж.Т. (19) и А.С. (17) двајцата од Скопје, на улица „1596“, поточно на паркинг во населбата Ѓорче Петров. Пријавените со моторно возило го попречиле патот на возилото во кое се превезувале оштетените кои биле заедно со уште три лица кои, пак, сакале да го напуштат местото на настанот.

– Најпрво првопријавениот дошол до возилото и ја отворил вратата од страна на совозачот каде седел А.С. и го удрил со тупаница во пределот на вратот, а потоа и насилно го извлекол од возилото и со рака го удрил неколку пати во пределот на стомакот. Подоцна ја отворил задната врата од возилото и му се обратил на Ж.Т. со заканувачки зборови дека физички ќе го нападне по што веднаш почнал со рака да го удира во пределот на главата и телото. Во нападот му се приклучил и второпријавениот и заедно продолжиле да го удираат Ж.Т. во пределот на главата и телотом, соопшти МВР.

Останатите три лица кои биле во возилото заедно со оштетените чувствувајки страв и несигурност од насилното однесување на пријавените почнале да бараат помош. Веднаш по настанот случајот бил пријавен во полициската станица од општа надлежност Ѓорче Петров.

Во вториот случај кривичното дело насилство врз лицето Г.Ѓ. (24) од Скопје го извршил Б.Л. сам во ресторан лоциран на бул. „Партизански одреди“. Додека Г.Ѓ. заедно со негов познаник од Скопје ја подмирувале сметката во ресторанот и сакале да си заминат од објектот, им се приближил пријавениот и му се обратил на Г.Ѓ. да излезе надвор за да разговараат. Откако оштетениот одбил, а поради предходна расправија и страв да не биде физички нападнат, Б.Л. од јакната извадил безбол палка и веднаш почнал да го удира оштетениот во пределот на главата и телото со што му нанел повреди во вид на расекотини и модрици. Оштетениот од здобиените повреди на главата почнал обилно да крвари и да ја губи свеста, но пријавениот продолжил да го удира се додека не бил спречен во намерата од вработен во ресторанот, по што и го напуштил местото на настанот.

Оштетениот бил префрлен во Градска општа болница „8 Септември“ каде му била укажана лекарска помош, а поради сериозноста на повредата бил префрлен во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ за понатамошно лекување.

Од страна на полициски службеници излезено било во ГОБ „8 Септември“ каде бил обавен разговор со Г.Ѓ., по што бил известен јавен обвинител. Врз основа на барање од Основното јавно обвинителство во Скопје ресторанот достави податоци и едно ЦД со видео запис од безбедносни камери.

Од страна на полициски службеници од Единицата за насилен криминал при СВР Скопје извршен бил службен разговор со четири лица, сведоци на настанот, за што бил изготвен и службен материјал, а по писмена наредба од Основен суд Скопје 1 Скопје извршен бил претрес во домот на пријавениот при што пронајдена била безбол палка.

Б.Л. досега бил кривично пријавуван за недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи, додека Д.П. бил кривично пријавуван за кражба, тешка кражба, разбојништво и затајување.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.