Двајца загинати и многу повредени во експлозија во фабрика во Кина

Најмалку две лица ги загубиле животите а уште десетици други се повредени во силна експлозија која во неделата претпладнето се случила во фабрика во градот Нингбо во источната кинеска покраина Жеџијанг, поради што е отворена полициска истрага.

Експлозијата се случила околу 9 часот утрото по локално време во округот Џиангбеи во Нингбо, крајбрежен град на околу 100 километри јужно од мегалополисот Шангај, јави државната новинска агенција Xinhua, наведувајќи извори од локалните власти, изјави на очевидци и од противпожарната служба.

Во извештајот на кинеската телевизија CCTV, не се споменува експлозија во фабриката, но се наведува дека силна експлозија разнела прозорци и отворила дупки во ѕидовите на згради кои се километар оддалечени од местото на инцидентот. Се известува за многу уништени возила и урнат ѕид од објект.

Телевизијата објави дека две лица загинале, а уште две меѓу повеќе од триесетината повредени се во критична состојба.

Според дневниот весник Zhejiang Daily, неколку згради се урнале во блиската населба, а полицијата за агенцијата Reuters изјавила дека таа област била предвидена за уривање.

Експлозии и други фатални несреќи во погоните во Кина се чести, бидејќи не се почитуваат безбедносните прописи за сигурноста на работното место, иако владата најави подобрување на инспекцијата и остри санкции за непочитувања на правилата.