Двајцата новинари на Ал Џезира го напуштија затворот во Каиро

Двајцата новинари на Ал Џезира, Мохамед Фахми и Бахер Мохамед, кои судот во Каиро вчера одлучи да се бранат од слобода со платена кауција до крајот на повтореното судење, денеска беа пуштени од затвор.

Пуштањето од каирскиот затвор го потврдија нивните семејства.

Кауцијата изнесува 30 илјади долари, а Фахми и Мохамед се обрзани секој ден да се јавуваат во полицијата, се до второто судење што е закажано за 23 февруари, пренесува МИА.

Во јуни минатата година, тие заедно со третиот новинар од дописништвото на Ал Џезира во Каиро, Австралијанецот Питер Гресте, беа осудени на затворски казни од седум до десет години.

Тројцата беа обвинети за „помагање и соработка“, како и за „пропагирање“ на забранетата исламистичка организација Муслиманско братство.

Тие го отфрлаат обвинувањето, тврдејќи дека само информирале за случувањата во Египет, по смената од функцијата на исламистичкиот претседател Мохамед Морси.

На 1 февруари, Питер Гресте беше пуштен од затвор и депортиран од Египет, како странец, додека Врховниот египетски суд ја поништи првичната пресуда на судот во Каиро и нареди ново судење за Фахми и Мохамед.

Во образложените на Судот се вели дека на првиот судски процес на „тројката на Ал Џезира“ пресудите не биле засновани врз цврсти докази.

Фахми, кој има двојно државјанство, по протерувањето на Гресте, се откажа од египетското, за да го користи канадското, надевајќи се дека како „странец“ ќе може да се повика на законот за протерување на странски затвореници, но ваквото решение не беше употребено за неговиот случај, па тој уште еднаш е на судење во основниот каирски суд.

Аналиитчарите во Каиро веруваат дека нивното апсење и осудување е поврзано со силно заострените односи на Катар, каде е седиштето на Ал Џезира, со новите власти во Египет по смената на Морси, кого властите во Доха го подржуваа. Работите во меѓувреме се изменија, па пред крајот на минатата година две делегации на Катар ја посетија египетската престолнина, по што и односоте меѓу двете земји забрзано почнаа да се подобруваат.