Двајцата новинари на Ал Џезира ослободени со кауција

Судот во Каиро, на почетокот на повторното судење на двајцата новинари на Ал Џезира, Мохамед Фахми и Бахер Мохамед, одлучи да ги пушти на слобода со кауција.

Двајцата беа осудени минатата година заедно со третиот новинар од дописништвото на оваа телевизија во Каиро, Австралијанецот Питер Гресте на затворски казни од седум до десет години за „помагање и соработка“ со забранетата исламистичка организација Муслиманско братсво.

Минатиот месец Гресте беше пуштен од затвор и депортиран од Египет како странец, додека Врховниот египетски суд ја поништи првичната пресуда на судот во Каиро и наложи ново судење за Фахми и Мохамед.

Во образложените на судот се вели дека на првиот судски процес на „тројката на Ал Џезира“ пресудите не биле засновани врз цврсти докази.

Фахми, кој има двојно државјанство, по протерувањето на Гресте се откажа од египетското, за да го користи канадското, па како странец да се повика на законот за протерување на странски затвореници, но ваквото решение за неговиот случај не беше употребено, па тој е одново на судење во основниот каирски суд.

Двајцата новинари на Ал Џезира тврдат дека не сториле ништо незаконско и дека само известувале за случувањата по соборувањето на исламистичкиот претседател Мохамед Морси.

Аналиитчарите во Каиро веруваат дека нивното апсење и осудување е поврзано со силно заострените односи на Катар, каде е седиштето на Ал Џезира, со новите власти во Египет.

Владата во Доха, која го подржуваше Морси, остро се спротивстави на неговото тргање од власт и одбиваше да ја прифати смената во Каиро. Пред крајот на минатата година, Катар ја смени својата позиција, па две делегации на Доха ја посетија египетската престолнина, по што и односите меѓу двете земји забрзано почнаа да се подобруваат.