Двајцата потпретседатели на британската Конзервативна партија поднесоа оставки

Двајцата потпретседатели на владејачката Конзервативна партија на британската премиерка Тереза Меј, Бен Бредли и Марија Колфилд, поднесоа во вторникот вечерта оставки на функциите, изразувајќи го своето несогласување со владиниот предлог за идните односи со Еевропската унија откако на крајот од март 2019 година Обединетото Кралство ќе истапи од Унијата.

Двајцата ториевски потпретседатели поднеле оставки „во знак на протест против планот од Чекерс“, пренесува јавниот сервис BBC.

Британската влада минатиот петок одржа седница во резиденцијата Чекерс, на која беше утврден планот за преговорите со ЕУ за излез на земјата од блокот, со кој се предвидува создавање зона на слободна трговија меѓу Велика Британија и Унијата по Брегзит.

BBC оценува дека иако Бредли и Колфилд не се многу познати во јавноста, сепак нивните оставки претставуваат предупредување до Меј дека незадоволните конзервативци „се во состојба да и нанесуваат штети, ако не го промени својот курс“.

Претходно во понеделникот поради несогласување со планот од Чекерс оставки поднесоа и министрите за надворешни работи и за Брегзит, Борис Џонсон и Дејвид Дејвис.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.