Дванаесет години затвор за исламски лидер од Белгија

Белгиски суд денеска осуди лидер на една исламистичка група и неколкумина негови следбеници на затворска казна под обвинение за тероризам и испраќање џихадистички борци во Сирија.

Судот во Антверпен во северна Белгија го осуди Фуад Белкасем, лидер на групата „Шеријат за Белгија“ на 12 години затвор.

– Белкасем е одговорен за радикализација на младите и нивното подготвување за салафистичка борба, во која нема место за демократски вредности, изјави судијата.

Според него групата „Шеријат за Белгија“ регрутирала млади луѓе за вооружена борба и го организирала нивното заминување во Сирија.

Обвинителите поднеле обвиненија за тероризам против вкупно 46 членови на таа група, но само деветмина од нив биле присутни на петмесечното судење, додека за останатите се претпоставува дека се во Сирија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.