Две години од првата операција на Државната кардиохирургија

Со 20 до 30 операции месечно и 90-процентна успешност на тешките, итни случаи, Државната кардиохирургија одлично се развива и се повеќе добива на кредибилност, не само кај пациентите, туку и кај професионалната јавност. За ова денеска говореше министерот за здравство Никола Тодоров по повод две години од првата операција на Државната кардиохирургија.

Тој посочи дека Клиниката ги имплементира најновите и најсовремени стандарди во лекувањето, применува најсовремени процедури и има најсовремена опрема, а од 2015 година, покрај кардиохируршки, работи и васкуларни процедури.

Зајакнување на тимот во делот на васкуларната хирургија

Тодоров најави зајакнување на тимот во делот васкуларната хирургија со прием на двајца доктори кои ќе бидат пратени на специјализација или субспецијализација. Во план е, нагласи, и зајакнување на тимот анестезиолози со дополнителни тројца лекари и медицински персонал.

 Прокетот за кој докторите сонуваа 40 години, е реалност и одлично се развива. Ако првата година имаше 25 – 30 операции, сега толкав број се прават месечно. Тоа значи дека Државната кардиохирургија одлично се развива, одлично напредува и се повеќе добива на име и кредибилност кај пациентите и кај професионалната јавност, истакна Тодоров, пренесе МИА.

Се зголемува бројката на интервенции

Според директорот Сашко Јовев, бројката на интервенции се зголемува, како и опсегот на работа.

Почнавме спорадично, а од јули минатата година на новата Клиника работиме редовно и обемот е се поголем. Се прават 20 до 30 операции месечно. Последниве три месеци направивме вкупно 70, а вкупно сме реализирале 230 од кои 190 кардиохируршки и 30-тина васкуларни, на аорта и каротиди, рече Јовев, додавајќи дека досега се изведени и околу 30 васкуларни операции.

Директорот подвлече дека на Државната кардиохирургија од вкупно десет итни операции, осум до девет се сосема добро направени, додека успешноста на останатите е во европски рамки, со околу 99-процентна успешност.