Две големи имиња во книжевноста, Памук и Ерофеев денеска во Скопје

Добитникот на Нобелова награда за литература, Орхан Памук денеска пристигна во Скопје да си ја подигне Меѓународната книжевна награда „Табернакул“ кој ја доби заедно со рускиот писател Виктор Ерофеев.

Орхан Памук го истакна задоволството што е во Македонија, потенцирајќи ја притоа сличноста меѓу двата народа .

„Децата во Турција уште во основно и средно училиште учат за Македонија, имајќи предвид дека таткото на модерна Турција, Кемал Ататурк е роден во Битола. Нашите народи се многу слични, па оттука и многу ми е блиско поднебјето.Полесно е да се зборува за заедничкото минато, културните вредности, но уште поважно за заедничката иднина. За неа впрочем пишувам во моите дела,“ изјави Памук.

Тој додаде дека оваа награда што ја добива во Македонија му е многу значајна, бидејќи до сега наградите ги добивал за целокупниот творечки опус, а оваа е за неговото последно дело. За Нобеловата награда за литература изјави дека, на почетокот кога ја добил бил изненаден, се прашувал зошто токму тој, мислејќи дека неа ја добиваат постарите писатели, а тој допрва имал уште романи во главата кои требало да ги напише.Неговиот познат роман „Музеј на невиноста“ бил на половина пишување во тоа време.

„Нобеловата награда ми донесе светска слава во кругот на книжевниците и милионски читатели. Моите книги се преведени на 42 јазици и се продадени во повеќе од 60 милиони копии.Оваа награда ме поттикна повеќе да пишувам.Но, таа има и една негативна страна. Ве обврзува постојано да бидете добри и на едно нејзино ниво, за да се оправда и задржи славата. Уште се борам за да не го потисне немирот и детето во мене. Се трудам да не го истисне тоа палаво дете во мојата душа,“  вели Памук.

Тој се осврна и на тематиката која ја пишува во неговите книги, маргинализираните луѓе во општеството, за луѓето кои живеат покрај Европа, но не можат да стигнат во Европа како и за влијанието на западната култура врз истиснувањето на традиционалните вредности во исламската вера. Токму тоа е и темата на неговиот најнов роман што го пишува „Безгласен дом“.

„Кога пред 40 години се одлучив да станам писател, моите беа вчудоневидени од одлуката.Покрај сите притисоци што ги имав во мојата држава за да не се објави моето творештво, таквиот однос создаде друга личност во мене. Го успокои оној бес кој го имав во мене.Со овој мој избалансиран бес се обидував, преку моите чувства да ги пренесам чувствата на мојот народ,“ додаде Памук и потенцираше дека и покрај се, времето покажало дека пред 40 години донел вистинска одлука за да стане писател. Според него, успешен ќе бидеш само во она што сакаш да го работиш. Го радува фактот што условите за овие 40 години во Турција се смениле, па има многу читатели и издавачки куќи.

Рускиот писател Виктор  Ерофеев исто така ја истакна близината на македонскиот и рускиот јазик, но ја потенцираше и топлината на македонскиот народ.Изјави дека имал прилика подобро да се запознае со македонскиот автор Венко Андоновски чијашто книга „Папокот на светот“ е преведена на руски јазик. Ерофеев вети дека со задоволство ќе ја прочита оваа книга и дека соработката меѓу авторите на двете земји нема да застане тука.Говореше и за неговиот роман „Акилудија“, кој според Андоновски претставува еден нов жанр наречен политичка фантастика.

„До сега моите дела се преведени во 40 држави, но вака брз превод не сум имал во ниту една држава. Се надевам дека освен „Акилудија“ и „Руска убавица“ и други мои книги ќе бидат преведни кај вас,“ изјави Ерофеев.

Тој проговори и за квалитетот на современите руски автори и истакна дека Русија и не стои така лошо, бидејќи има најмалку десет такви автори, имајќи предвид дека во Германија и Франција на пример има до двајца квалитетни автори.

И Ерофеев и Памук се осврнаа на времето во кое творат, односно одговорија на прашањето дали како писатели трпат притисоци во изразувањето при пишувањето.

„За среќа бидејќи сум познат во Турција, можам слободно да пишувам, што не е случај со новинарите и колумнистите кои трпат огромни притисоци,“ изјави Памук.

Меѓународната книжевна награда „Табернакул“ ќе им биде врачена вечерва на свечена церемонија во новиот објект на МНТ,вечерва во 20 часот.Според Венко Андоновски кој е еден од членовите на жирито за оваа награда, истата претставува интенција преку која ќе се создадат пријатели на македонската култура и литература.

„Зошто да очекуваме само наши автори да бидат наградени во странство. Зошто и ние да не наградиме некој заслужен светски автор. Бидејќи секоја година во жирито влегуваат и наградените автори, за неколку години ќе имаме една мала академија, во која ќе бидат ексклузивни автори, пријатели на македонската култура,“ изјави Андоновски.

Двајцата автори предизвикаа голем интерес кај новинарите и присутната публика кои повеќе од еден час поставуваа прашања на гостите.

Меѓународна книжевна награда „Табернакул“ е востановена на лична иницијатива на Цветан Враживирски како и на неколку автори кои се под капата на оваа издавачка куќа. Лани за првпат ја добија Милан Кундера и Љубивоје Ршуловиќ. Има интенција да прерасне во традиција.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.