Две нови инвестиции за два дена

Слободните економски зони се полнат со нови инвеститори. За два дена во земјава почнаа да се градат две нови фабрики. „Ван Хол“ ги постави темелите на новиот капацитет во Бунарџик за производство на автобуси, „Џонсон Контролс“ почнува да ја гради својата нова фабрика во ТИРЗ Струмица. Првата инвестиција ќе донесе 450 директни вработувања, втората 1.500, пишува Лидер.

investicii-640x530

Македонија се трансформираше во извозник на автобуси

Новата инвестиција на „Ван Хол“ е вредна 17 милиони евра и ќе донесе четири нови производствени линии, со што двојно ќе се зголеми капацитетот за производство на автобуси.

-Досега компанијата има извезено над 1.000 автобуси, а во процес на производство се 137. Компанијата првично планираше да креира 400 работни места, но денеска во неа се вработени 825 лица, вели првиот човек на слободните зони, Виктор Мизо.

-Во 2012-та година почнавме со изградба на нашиот прв производствен капацитет и две години подоцна го произведовме првиот автобус. Досега стигнавме до бројка од над 1.000 автобуси, од кои 900 за американскиот пазар и 100 за европскиот пазар, вели сопственикот на компанијата, Филип ван Хол.

Освен директните 450 вработувања, ќе се отворат и 100 индиректни работни места. Белгиската компанија повторно инвестира во земјава, што според Владата е добар показател за поволната бизнис клима.

-Успеавме во намерата да донесеме сериозни компании со долгорочни планови за инвестиции. Како резултат на тоа во наредните години, само во веќе постоечките компании, бројот на вработени во странските инвестиции речиси двојно ќе се зголеми и ќе се стигне до бројката од околу 34.000 директни вработувања,  вели вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

Груевски: Вложивме дополнителни напори

Задоволството е големо, особено затоа што новата инвестиција доаѓа во време на политичка криза – вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

-Оваа инвестиција вредна 17 милиони евра и 450 нови директни вработувања, плус 100 индиректни, е донесена во еден специфичен период што бараше од нас додатни напори, во убедувања на компанијата. Во убедувања на сопствениците дека нема да имаат никакви ризици, имајќи ја предвид  политичката криза којашто ни е наметната во изминатата година и пол. Многу ни помогна тоа што компанијата веќе е стационирана во Македонија, не запозна и нас и земјата, и предностите што ги дава Македонија и економскиот тим на Владата, вели Груевски.

„Ван Хол“ ги раздвижи домашните компании

Белгиската компанија активно соработува со домашните компании, досега отвори работа за 300 македонски фирми. Штипска „Актива“ од партнерството со Белгијците изгради целосно нова фабрика.

-Фабриката доби нови нарачки за потребите на „Ван Хол“, за нивните фабрики во Скопје и во Белгија, се збогативме со нововработени млади луѓе и стручен кадар, вели директорот на „Актива“, Иле Николов.

Економистите сметаат дека оваа соработка може да оди уште подлабоко.

-Мислам дека во наредниот период ќе бидеме сведоци и на „joint venture“ активности во зоните.  Ова е позитивно за македонската економија, бидејќи ќе придонесе за дополнителни вработувања, зголемена потрошувачка, повисоки плати, забрзан раст,  оценува универзитетскиот професор Сашо Кожухаров.

Во првата фаза „Ван Хол“ инвестираше 25 милиони евра.

По Штип, „Џонсон Контролс“ влегува во Струмица

„Џонсон Контролс“ е втората компанија којашто неделава почнува со изградбата со својата нова фабрика. По Штип, американската компанија лоцира производствен погон во Струмица. Инвестицијата е тешка 20 милиони долари, ќе донесе нови 1.500 работни места. Дејноста останува иста, производство на покривки за автомобилски седишта.

-Отворањето на новата фабрика е важен настан. Ова не е само значајна инвестиција од 20 милиони долари, туку истовремено и можност за нови вработувања, кои заедно со оние во фабриката во Штип изнесуваат над 3.000 работни места, вели директорот во „Џонсон Контролс“, Питер Хајфт.

„Џонсон Контролс“ ги проба и скопската и штипската зона, на ред е Струмица.

-Тоа е најдобар доказ дека инвеститорите се задоволни  од бизнис климата, она што го добиваат во Република Македонија како бизнис амбиент и затоа се решават своите средства да ги инвестираат по втор или по третпат. Од друга страна, оваа нова фабрика за нас значи и исполнување на едно ветување кое сме го дале пред граѓаните, дека ќе настојуваме и во Струмица да донесеме инвеститор. За Струмица ова значи многу, бидејќи се работи за голема инвестиција од финансиски аспект, но уште повеќе од аспект на бројот на работни места, овојпат 1.500 нови работни места, вели вицепремиерот Ставрески.

Инвестициите се дисперзирани, односно странците веќе почнаа да инвестираат и надвор од Скопје, со што се поттикнува локалниот економски развој во повеќе региони.

-Работниците земаат плата, одат во локалните продавници, купуваат, трошат, што значи дека се мултиплицира ефектот од инвестицијата. Оттука, позитивните ефекти не се само во непосредните вработувања. Затоа, јас се надевам и очекувам, овие странски инвестиции да имаат многу позитивно и значително влијание врз регионалниот развој, објаснува универзитетскиот професор Јован Пејковски.