Две нови лаборатории на Државниот универзитет во Тетово

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, денес присуствуваше на свеченото пуштање во употреба на две нови лаборатории за патологија и стоматологија инсталирани на Државниот универзитет во Тетово.

„Денес сум во прва официјална посета на Државниот универзитет во Тетово, каде ги пуштивме во употреба лабораториите за патологија и стоматологија. Досега Владата на Република Македонија, инвестираше 750.000 евра во лаборатории на Државниот универзитет во Тетово, додека за овие две лаборатории самиот универзитет инвестираше околку 200.000 евра“, изјави министерот Адеми.

Одговарајќи на новинарско прашање, во врска со нови вработувања на државните универзитети, министерот Адеми истакна дека се очекува до крајот на годината, да се обезбедат согласности за нови вработувања на јавните универзитети во Република Македонија.

„Поради изборниот процес, не бевме во можност да доделиме согласности за вработувања на државните универзитети. Во разговор со Ректорот на Државниот универзитет во Тетово, бев информиран дека голем дел од професорите се вработени со договор на дело, што значи дека наместо за инвестиции, универзитетот одделува големи средства за наставниот кадар“, истакна министерот Адеми.